Учителите да ги учат, родителите да се дружат со своите деца


Во ова време-невреме, се чини, сите сме на тестот на себепреиспитувањето. Какви сме, што правиме, каде се движиме? Во секојдневното исчекување на вестите и бројките колку заразени, колку излекувани, дали имаме некој близок во опкружувањето заразен од коронавирусот и како ќе преживееме? Млади, стари, родители или не? Грижата моментално се префрла на старите, но и на децата. Децата дома, децата воведени во интернет-наставата. Сите едноставно велат: улогата на родителите е пресудна.

Според Ана Ѓоргиоска, педијатар, раководител на детското одделение при прилепската болница, препораките што им се даваат на возрасните не отстапуваат и исти се и за децата. Да се редуцираат гледањето телевизија и вклучувањето на компјутерот. Да се биде со децата.

– Принудени сме сите да бидеме речиси во една просторија – родителите и децата. Ситуацијата налага притисокот од сето ова да биде поголем кај возрасните. Затоа, препорачливо е возрасните пред децата да не делуваат многу вознемирено и пред нив да не ги искажуваат нервозата и притисокот што го чувствуваат од ситуацијата, зашто сето се пренесува на децата. Не мора телевизорот постојано да биде вклучен или децата да бидат постојано пред компјутер и да читаат како и што се случува целосно во светот. Во една порелаксирана и не толку нервозна атмосфера, разбирливо за децата да им се објасни дека, да, постои таков вирус што предизвикува инфекција, слична со другите вирусни заболувања. Да им се објасни како да се однесуваат во однос на дружењето со другите деца, вели д-р Ѓорѓиоска.

Според Ана Ѓоргиоска, педијатар, раководител на детското одделение при прилепската болница, препораките што им се даваат на возрасните исти се и за децата

Таа вели дека може да престојуваат надвор, во дворовите, на пример, извесен временски интервал од околу половина час, но не да бидат во групи со други деца.

– Да не се во контакт со другите деца, ако кашлаат и киваат како да се заштитат, со рака над устата или со подлактицата, да не се бакнуваат и да не се во близок контакт, да бидат на оддалеченост од 1,5 метар или два, нагласува Горѓиоска.

Кога се веќе дома децата, многу е битно да се врати, да се оствари онаа социјална врска помеѓу родителите и децата. Да им се посвети внимание.

– Родителите не треба да бидат учители, да ги заменуваат учителите, туку да го вратат оној контакт со децата, во смисла на квалитетно и осмислено поминато време. На пример, заедно да играат друштвени игри, да осмислат некој натпревар дома, или чистење и средување на просторијата од детето, редење на облеката, некои едноставни работи што би биле интересни и би го исполниле времето на детето. На пример, родител дури побара психолошка помош за детето кое константно слушало за болни од ковид-19 и почнало да не спие и да има ноќни мори, објаснува Ѓорѓиоска.

За исхраната важат препораките што ги добиваат возрасните: храна богата со витамини, зеленчук, витамини, Ц и Д и пробиотици за да се стимулира имунолошкиот систем.

Во детското одделение во овој период бројот на пациенти е намален, родителите се јавуваат на телефон за совети и препораки.

– Битно е да не одат веднаш на лекар, туку прво по телефон да се консултираат со матичните лекари. Прво да се слушнат лекарските совети, а потоа, ако е потребно, матичниот лекар ќе ги упати кај нас, во детското одделение. Тоа е поретко, родителите се уплашени и, нормално, стравот од непознатото сите нè прави да бидеме такви. Родителите ја имаат одговорноста да го најдат начинот сите да се справиме, мислам тие и децата, со оваа ситуација. Имаат обврска да им го исполнат квалитетно времето на децата и да се врати тој социјален контакт што, за жал, е нарушен, смета педијатарот Ана Ѓорѓиоска.

Во прилепските училишта, основни и средни, кои опфаќаат преку 10.300 ученици, околу 90 отсто се остварува онлајн учењето. Посебна одговорност е за одделенските раководители.

Напорно, но и огромно е задоволството од работата со децата и вака, во вонредни услови, вели учителката Мирческа.

Наташа Мирческа, одделенски раководител на учениците од четврто одделение во прилепското основно училиште „Кочо Рацин“, совршено три часа дневно комуницира со 22-та ученици од одделението. Работат во поладневните часови секој работен ден зашто родителите, кои треба да имаат надзор, преку денот се работно ангажирани. Преку видеокомуникацијата со учениците се осознаваат математичките операции на собирање, одземање, множење и делење, се осознава дека со голема буква почнува реченицата и другите граматички „финеси“ во македонскиот јазик. А се знае и по биологија. Деветгодишниот Андреј Чатлески сака да објаснува колку коски има во човековото тело и како сето тоа функционира. Неговата мајка Тања, која има и второодделенец, вели добро се снаоѓаат и смета дека наставникот ги заслужува сите пофалби.

– Додека јас и сопругот во текот на денот ги вршиме работните обврски, со децата работиме попладнето и бескрајно многу го ценам ангажманот на наставниот раководител Наташа Мирческа. Многу добро функционираме, вели Тања Чатлеска.

Напорно, но и огромно е задоволството од работата со децата и вака, во вонредни услови, вели учителката Мирческа. Смета дека во домовите се внесува позитивна енергија.

– И ние, учителите, сме на линијата на одбраната. Комуницираме со учениците, го пренесуваме знаењето и се трудиме да внесеме позитивна енергија во домот. Се надевам дека тоа го остваруваме. Тоа е огромно задоволство, смета Мирческа.

И додека не се знае крајот од домашната изолација, учителите и родителите имаат своја задача со децата. Учителите да ги научат, а родителите да ја обноват заборавената комуникација со своите деца. Да играат, да се смеат и да им го исполнат, квалитетно, времето на децата. Таа врска, според педијатрите и психолозите, е најбитна.