Училиште во Битола трошело пари од „ЕРАЗМУС +“ без да распишува јавни набавки и да плаќа персонален данок, покажа ревизијата на Општина Битола

Училиштето „Елпида Караманди“ се произнесе во однос на забелешките на ревизорот и наведува дека извештаите не се средени, проектот не е завршен, завршува на 31.08.2022 и затоа нема комплетна документација


БИТОЛА – Проект од програмата „ЕРАЗМУС +“ во ООУ „Елипида Караманди“ во Битола се реализирал без спроведување на постапка за јавна набавка, без да се плати персонален данок, а дел од парите за патни трошоци биле префрлани на сметки на родителите. Ова го утврди меѓу другото општинскиот ревизор од Битола, при контрола на финансиското работење на училиштето.

Со ова училиште раководи Татјана Дамчевска, кадар на СДСМ, поставена од екс градоначалничката Наташа Петровска. Иако новата локална власт во Битола имаше обид да постави свој кадар за директор, сепак неодамна Дамчевска успеа да добие втор мандат да директорува со школото, со амин на Министерството за образование.

Во ревизорскиот извештај објавен денеска на страната на Општина Битола стои дека во 2019 година, училиштето потпишало договор за реализација на проект под програмата „ЕРАЗМУС+“ на Националната агенција за европски образовани програми и мобилност, во висина од 33.780 евра.

Годинава во рамките на проектот, група од 10 ученици и три, односно четири наставнички патувале во Полска, Шпанија и Турција, а за набавка на авионски билети исплатени се речиси 10.000 евра. Ревизорот заклучил дека во оваа постапка не била спроведена јавна набавка. А она што е забележително е што средствата за авиобилети биле исплаќани на трансакциски сметки на родителите на децата, со договор тие да ги потрошат за купување на авиобилет. Такa на овој начин не е платен персонален данок во износ од 1.000 евра.

Во исто време, училиштето со наставниците склучило договори во кои иако не се утврдени меѓусебните обврски, им биле исплатени околу 3.000 евра, и пак не бил платен персонален данок.

Училиштето подигнало готовина од сметката во Народната банка во износ од 8.851 евро, наменети за исплата на трошоци за договорни услуги, но трошоците не се уредно документирани, заклучил ревизорот. Според него има финансиски ризици поради непочитување на Законот за јавна набавка и Законот за персонален данок на доход.

„Наведената состојба не обезбедува фер конкуренција меѓу економските оператори, транспарентност и јавност при набавките. Состојбата има влијание на регуларното трошење на средствата на училиштето“, се вели во забелешките од ревизорот.

Од тука ревизорот препорачува-„директорката на училиштето да овозможи доследна примена на националното законодавство при реализација на проекти кои се финансирани од Националната агенција за образовани програми и мобилност“.

Ова не е единствената забелешка на ревизорот за трошењето на парите од „ЕРАЗМУС +“ програмата во ова училиште, туку има и други набавки и потрошени средства, што е јавно објавено во извештајот на веб страната на Општината.

Училиштето „Елпида Караманди“ се произнесе во однос на забелешките на ревизорот и наведува дека извештаите не му се средени, проектот не е завршен, завршува на 31.08.2022 и затоа нема комплетна документација.

„После овој датум, претстои период од два месеци на средување на документацијата која е строго наведена како треба да изгледа и за што ние како корисници треба да постапиме согласно нивните правила и да поднесеме извештај. После поднесување на извештајот од наша страна кој трае до октомври 2022, следува конечен завршен извештај од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за успешен или неуспешен реализиран проект“, се вели во дел од одговорот од училиштето, потпишан од директорката Дамчевска.

По ова останува да се види дали Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која дејствува во името на Европската комисија ќе биде задоволна од отчетот на училиштето како се потрошени европските пари или пак ќе ги потврди забелешките на општинскиот ревизор во Битола.