Училиштата во Карпош се подготвени за учебната година, ќе има 608 првачиња


Во својот кабинет, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски оствари работна средба со директорките на сите основни училишта кои функционираат на територија на општината.

Во рамки на координативниот состанок со директорките се констатираше дека училиштата се во целост подготвени за почеток на новата учебна 2025/2026 година.

– Овој 1 септември во училиштата за прв пат во училишните клупи ќе седнат 608 првачиња. Се констатираше и состојбата на вработените во училиштата, потребата за некои наставници, стручни соработници, како и за административно-технички персонал. Од аспект на безбедноста се исполнети сите услови за непречено одвивање на наставата на основците, порача Јакимовски.

Информираше дека училиштата во текот на летните месеци беа бојадисани со еколошка боја, реконструирана беше и електричната мрежа каде што постоеше потреба за тоа, поставени беа нови противпожарни апарати во училишните објекти и обновени беа некои од хидрантските мрежи.

– Од овој септември воспитно-образовниот процес во основните училишта низ Карпош ќе се одвива по најсовремени стандарди, за што локалната самоуправа обезбеди наменски средства од својот буџет. Имено, набавени се смарт-панели во сите училници и кабинети, за сите ученици од I -IX одд. Секое училиште се опреми со нова компјутерска училница за што беа набавени нови 254 компјутери. Поставени се фотоволтаични системи за заштеда на електрична енергија и во рамки на училиштата на сите спортски игралишта е поставена вештачка трева. Во таа насока, општина Карпош со истиот интензитет ќе продолжи да работи на подигнување на стандардите и подобрување на условите за едукација на најмладите, порача првиот човек на скопски Карпош.