Училиштата остануваат затворени, се спроведува онлајн настава


Фото: Б. Грданоски

Имајќи предвид дека во Македонија е прогласена вонредна состојба, училиштата и градинките продолжуваат да бидат затворени во овој период, така што продолжува да важи и мерката која предвидува еден родител или старател на дете/деца до 10 годишна возраст да не оди на работа, а отсуството да биде оправдано и платено, велат од Министерството за образование за „Независен весник“.

Во среда истекуваат првите 14 дена откако оваа  мерка беше воведена од Владата како заштита од ширење на корона вирусот, со која учениците и децата згрижени во градинките останаа дома.

Владата дополнително им овозможи на родителите кои работат, а имаат деца на возраст до десет години да седат дома со нив, за што требаше да приложат потврда од училиштето. Со тоа работниот однос им беше регулиран, а за отсуството од работа продолжија да земаат плата.

Министерот за образование Арбр Адеми минатата недела рече дека со прогласувањето пандемија од Светската здравствена организација во застој е формалното образование  во предучилишното, основното, средното и високото образование, како и јавните научни институти.

Во вонредни околности, МОН во соработка со многу институции направи план децата да не седат дома пасивно. Освен достапни бесплатни апликации за неформално учење дома, на МРТВ на трите канали веќе се одвива „ТВ Училница“, каде што се емитуваат едукативни содржини.

– Околу воведувањето на онлајн наставата, ве известуваме дека Министерството за образование и наука до Владата ќе достави предлог уредба за задолжително воведување на далечинско учење, односно учење од дома преку примена на техничко – електронски уреди, со цел продолжување на воспитно – образовниот процес во вакви вонредни околности – велат од МОН за „Независен весник“.

Додаваат дека за формата на далечинско учење која ќе се применува согласно можностите (особено можностите на учениците), ќе одлучуваат раководствата на училиштата и првенствено наставниците кои ќе имаат обврска да ја разработат и пренесат наставната материја, а потоа и да го проверат знаењето на учениците и за истото да ги оценат.

Со оглед на тоа што некои ученици немаат компјутери, телефони или таблети дома, некои пак ни интернет, од Министерството за образование и наука велат дека се подготвени да им помогнат на општините и училиштата во надминување на предизвиците кои ќе ги посочат, со цел воведување на одредена форма на далечинско учење и непречена реализација на воспитно – образовниот процес.

-Секако, ќе инсистираме локалните самоуправи да обезбедат и индивидуална поддршка за секој ученик, родител/старател за вклучување во онлајн наставата. Едукацијата на учениците не смее да запре, бидејќи во спротивно последиците можат да дојдат до израз во некои подоцнежни периоди од животот на поединецот – велат од МОН.

Повеќе општини веќе почнаа со онлајн спроведување на наставата. Од денска таа почнува и во скопската Општина Аеродром. На родителите и децата им беа дадени насоки како да се вклучат на онлајн-платформата на Гугл класрум (Google Classroom), каде има прикачено материјали за сите одделенија, по речиси сите предмети. Секојдневно наставниците треба да им задаваат задачи на децата по предметите кои за тој ден им се по распоред. Апликацијата е интерактивна, а децата може да поставуваат прашања.Колку успешно ќе се спроведува наставата на овој начин, останува да видиме.

Поради пандемијата со корона вирусот, ваков вид настава спроведоа повеќе земји, како и земјите од регионот како Албанија, Србија, Бугарја и други.

Б. Богдановска