Училиштата активни онлајн чекаат насоки за оценувањето, средните и за матурскиот испит


Е-учењето е голем предизвик за нашата земја, но воедно и голема шанса ИТ-технологијата понатаму повеќе да се применува во наставата. Основните и средните училишта со интерни модели и  според техничките можности се обидувааат да ја продолжат наставата прекината на 11 март, како прва мерка на Владата да се спречи ширење на заразата од Ковид-19, а од вчера учениците следат и видеолекции на Едуино – првата национална образовна платформата креирана од Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ.

Содржините по наставни предмети засега им се достапни на основците од прво до деветто одделение, а наскоро таа ќе се пополнува  и со лекции за средношколците. Наставниците чекаат упaтства од МОН и Бирото за развој на образованието  (БРО) за начинот на проверка на знаењето и оценување на учениците. За средните училишта е неизвесно и како ќе се полага државната матура.

Директорите на три средни и на две основни училишта во Скопје во изјави за МИА се согласуваат дека онлајн-едукацијата во вонредни услови е единствена замена на формалната, класична настава, и е неопходно приспособување, наведувајќи дека учењето од далечина преку дигитални платформи е реалност во 21 век и во повеќе земји е дел од образовните системи.

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски, вели дека  наставниците и учениците, сите во зависност од капацитетите, се обидуваат да придонесат во адаптирањето на новата ситуација во која не постои училницата и училиштето на кои се навикнати.

– Ги преземаме мерките според препораките на МОН. Досега наставниците индивидуално, во договор со учениците и имајќи ги предвид техничките можности, организираа некои активности за учениците – задачи, есеи, плакати, видеа, наставни листови и сл. Учениците на ниво на паралелки се организирани во групи, па на овој начин класните раководители и предметните професори комуницираат со нив. Може да се каже дека учениците се информирани во најголем степен и ги реализираат барањата од наставниците, изјави Димовски.

Очекува да се најде решение и за оценувањето и следејќи ги препораките на МОН, вели, ќе се обидат да ги мотивираат наставниците да бидат креативни во начините на проверка на знаењата на учениците, за што можности нудат и различните дигитални алатки.

Димовски апелираше надлежните што поскоро да најдат решение и за начинот на спроведување и роковите за матурскиот испит.

– Има доста ученици кои се запишани во странство и овие информации им се од големо значење, додава директорот на СУГС „Орце Николов“.

Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски за МИА изјави дека сите ученици веќе се приспособуваат на овој начин на едукација, свесни, како што вели, дека во моментов тој е најпогоден.

– Како училиште уште пред десетина дена ја отпочнавме наставата по електронски пат. Секој од професорите имаше слобода во своите можности и знаења ова да го реализира. Работат преку  Zoom, Едуино, нашата веб-страница, Edmondo, Mali и слично. Во моментов разменуваме информации за можноста и начинот на проверка на знаењето кое ќе резултира со оценка. Исто така, интензивно работиме на план за унифициран начин на одбрана на проектни задачи како дел од матурата, рече Арсовски.

Во однос на националната дигитална платформа смета дека е сè уште во фаза на приспособување и професорите ќе го применуваат овој начин на учење доколку сами проценат дека ќе биде поефикасен.

Стручните училишта, пак, покрај оценувањето имаат уште еден предизвик – практичната настава која во овие услови ја нема.

– Моментално бараме решение зашто во фирмите не примаат ученици, односно целиот наставен процес е стопиран. Бараме поддршка од Центарот за стручно образование и чекаме насоки, изјави Димитар Ѓорѓиев, директор на  СЕТУГС „Михајло Пупин“, во кое се применува дуално образование, односно работа во компании покрај следењето настава во училиште.

Во училиштето имаат интерна онлајн-настава и секојдневно на нивната веб-страница се поставуваат нови лекции по сите предмети во сите четири години. ЕВН паралелките користат платформа CANVAS на своите таблети, а секој предметен наставник, појаснува Ѓорѓиев,  интерно комуницира со своите ученици преку вибер-групи или  слични социјални мрежи.

– Бројот на активни ученици е доста голем, но не се сите ученици 100 проценти активни. Да не заборавиме дека и одреден број немаат интернет, лаптоп, таблет или смарт-телефони во своите домови. Од овие причини, дигиталната платформа е доволна – да, а комплетно – не, изјави Ѓорѓиев, додавајќи дека сепак платформата треба сериозно да ја прифатат.

Во однос на оценувањето, вели, имаат интерен план и идеи, но  чекаат официјален допис за тоа биде издржано. За државната матура неговиот став е дека би било најдобро оваа година да не се полага и да се оди со приемен испит на факултетите.

Учениците во основните училишта веќе почнаа да ги следат видеолекциите од дигиталната платформа Едуино за чие снимање на повикот на МОН се одѕвале над 600 наставници од целата држава. Меѓу нив се и четворица од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ од скопската општина Аеродром –  двајца од одделенска настава и двајца предметни наставници (македонски и англиски јазик).

Достапноста до интернет и опременоста со ИТ-уреди во домашни услови ќе биде проблем за некои деца во земјава да можат да ја користат дигиталната платформа. Директорот на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, Марјан Јовановски, смета дека поради тоа платформата делумно може да ја замени формалната настава во сегашната вонредна состојба.

– Не секој ученик и наставник во државата е спремен за ваков вид  настава, но мислам дека 90 отсто од учениците и наставниците се. Нашите 70 наставници и 984 ученици од 20 март се вклучени на платформата Google Classroom која е во координација со Општина Аеродром, изјави Јовановски, според кого добар метод  за одржување настава би биле и видеоконференциски часови.

Следниот чекор  во организирањето на виртуелната настава е да се изнајде најдобар начин објективно да се оцени знаењето на учениците и наставниците ги очекуваат најавените упатства од Бирото за развој на образованието.

Според директорката на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Кисела Вода, Мишела Николовска-Милеска, во овие услови кога е многу важна повратната информација од страна на наставникот, подобар начин е формативното отколку сумативното оценување.

– Неблагодарно е да се оцени сумативно (бројчано). Важно е да се дадат точни насоки дали ученикот правилно го усвојува материјалот и затоа како форма го преферирам формативното, кое понатаму би можело да се трансформира во сумативно. Сепак, од сегашниот  аспект, сметам дека е многу поважно учениците да напредуваат со образовните содржини и нашиот фокус да се базира на кои начини ќе ги мотивираме да стекнуваат знаења, да учат за знаење, а не за оценка, вели Николовска-Милеска за МИА.

И ова скопско основно училиште активно се вклучи во изработка на видеолекции за eduino.gov.mk, како и за платформата JetMinds.org, а нивни наставници учествуваат и во образовната програма ТВ-училица на МРТ.  Содржини поставуваат и на веб-страницата на ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ за што, наведува директорката, помош имаат и од Советот на родители.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на промовирањето на националната образовна дигитална веб-платформа eduino.gov.mk завчера рече дека е голем интересот на наставници кои сакаат да снимаат и се пријавени над илјада лекции што траат по 15-ина минути. Лекциите се проверуваат и се внимава да не се повторуваат тематски.

– Очекуваме бројот драстично да расте во следните денови, а во меѓувреме апелираме на трпеливост до целосно пополнување со содржини за сите одделенија и по сите предмети, рече ресорниот министер.

Додека трае кризниот период онлајн-наставата станува формална и од наученото ќе зависи исходот со кој секој ученик ќе ја заврши учебната 2019/2020 година.