Учеството на жените во економијата е клучно за развој на општеството

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance think) со поддршка на Амбасадата на Велика Британија во земјава денеска организираше економски форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“.
Даниел Филер, заменик-амбасадор на Велика Британија, во воведното обраќање за вклученоста на жените во економијата, истакна дека општествата се попросперитетни и помал е процентот на родово базирано насилство кога жените се рамноправни. Како што рече, учеството на жените и нивниот придонес е клучен за развојот на општествата.
-Од работата на која што сме горди што ја поддржавме тука, видовме дека бројките поврзани со учествата на жените во политичкиот живот и во економијата во Северна Македонија се значително пониски отколку од останатиот дел од Европа. Клучниот факт е дека вработеноста на жената во Северна Македонија е пониска од онаа во Европа, само 38,3 проценти од жените кои учествуваат на пазарот на трудот, а само 41 процент од жените во Северна Македонија имаа право на државна пензија поради тоа. Тоа значи дека само половина од работоспособните жени се вработени и можат да ги почувствуваат придобивките што ги носи вработеноста, рече Филер.
Тој изрази задоволство што заедно со Министерството за образование и наука подготвиле проект за кариерно советување затоа што, рече, изборот на кариерата е уште еден од предизвиците за жените.
Според министерката Весна Јаневска, основно што треба да ја подобри состојбата на жената на пазарот на трудот е образованието затоа што, рече, „силна жена претставува силно општество“.
-Во рамки на реформите на образованието, со цел да одговори на барањата на пазарот на трудот, посебно внимание посветуваме на зголемување на пристапот на девојчињата кон стручните знаења и вештини, затоа што, не само што по завршувањето на средното образование нудат сигурна работа, туку и го олеснуваат нивниот упис на СТЕМ, ИКТ и техничките студиски програми, рече Јаневска.
Во врска со кариерното советување во училиштата, чија цел е девојчињата да ги препознаат своите таленти, способности и потенцијали, Јаневска посочи дека тоа е алатка која ќе им помогне да изберат професии кои ќе значат нивна реализација, а ќе донесе и позитивни промени во општеството.
-За оваа цел, во Законот за основно образование предвидовме училиштата да реализираат програма за професионална ориентација на учениците, а во средните училишта ќе има кариерни советници. Европската тренинг фондација ќе ни помогне во нивната обука за стекнување соодветни компетенции, појасни Јаневска.
Проф. Марјан Петрески, кој на форумот промовираше студија и наоди, изјави дека биле насочени кон еден аспект на продуктивноста во која се постигнуваат резултати со инвестирање во т.н. меки вештини.
-Таа е стагнантна во нашата економија, приближно опфаќа она што ние го создаваме како вредност и потоа главното прашање е како тоа го распоредуваме преку системот на плати. Значи, до поголема плата може да дојдеме само преку поголема продуктивност односно преку поголема додадена вредност. Ние се фокусиравме на една индустрија и таму спроведовме интервенција која се однесува на градење на меките вештини на работниците. Станува збор за текстилната индустрија каде што дополнителен аспект е дека таа е доминирана од жени, што значи дека се интересираме и за тоа како порастот во продуктивноста ќе затвори некои јазови помеѓу мажите и жените. Отприлика резултатите се дека инвестиција во меки вештини на таа компанија ќе и донесе зголемување на продуктивноста што се претвора во поголем приход годишно, изјави Петрески.
Според наодите, жените биле поприемчиви за новите вештини и таму е забележан поголем раст на продуктивноста. Тоа значи, рече Петрески, дека „такви интервенции имаат сила да ги затворат родовите јазови во платите и, генерално, пошироко родовите јазови на пазарот на трудот во Македонија“.