Учеството на меѓународни саеми им помага на текстилците да го зголемат извозот


Ако нашата цел е успешна индустрија и економија, треба да го јакнеме извозниот потенцијал на домашните компании. Тоа значи зголемување на нивната конкурентност и продуктивност како резултат на инвестирање во нови технологии, знаење и добро менаџирање. Само на тој начин ќе обезбедиме поголем извоз, јакнење на брендовите и позиционирање на поголем број странски пазари. Со тоа ќе се обезбеди и додадена вредност во работењето, рече директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески на денешните работни средби со менаџерските тимови на „Албатрос“ од Штип и на „Данитекс“ и „Метас“ од Кочани.

Павлески напомена дека позитивниот тренд и активната промоција на извозните потенцијали на домашните компании, се приоритет и за 2021 година.

-Како резултат на учеството на меѓународните саеми, во целост организирани и поддржани од Агенцијата, текстилните компании бележат раст на извозот, истакна директорот.

На работните средби присуствуваше и извршната директорка на Трговско-текстилното здружение – Текстилен кластер, Наташа Сивеска.

„Албатрос“, „Данитекс“ и „Метас“ во 2018 и 2019 година се претставија на Саемот за текстилна индустрија во Минхен (Munich Fabric Start), со поддршка на Агенцијата, Текстилниот кластер и SIPPO.

Тие работат за познати светски брендови и произведуваат облека и останати текстилни производи по лон систем. Целото нивно производство е главно наменето за извоз. Нивните производи можат да се најдат на пазарите во Германија, Швајцарија, Белгија, Англија, Шведска, САД и Канада.

Текстилната и кожарската индустрија се едни од водечките во нашата земја и имаат високо учество во БДП, ангажирање на работна сила и вкупниот извозот на земјата. Вкупниот извоз на овие индустрии во 2019 година изнесувал околу 570 милиони евра. Околу 13 отсто од вкупното индустриско производство отпаѓа на текстилната индустрија, а во индустријата се вработуваат над 37.000 луѓе.