Учениците од Центар ќе одат на бесплатна екскурзија „Ја сакаме Македонија“


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, утрово го посети општинското основно училиште „Киро Глигоров“ за да им посака успешен старт на првачињата и сите ученици по повод првиот ден од новата учебна година.

Во своето обраќање, тој информираше дека од следната учебна година, се воведува бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение.

„Денеска, првачињата го започнуваат своето најважно патување, најубавиот дел од животот. Ќе стекнуваат нови другарства, ќе го осознаваат светот околу себе. Денеска, за нив е најважниот ден. Ние, повозрасните имаме обврска да ги создадеме условите, да направиме се’, за нашите првачиња и сите ученици, бидат среќни, задоволни и да станат успешни и вредни личности, кои ги делат вредностите на почитта, разбирањето, помошта и солидарноста, вредностите на своите родители и предци. Сакам одговорно и директно да ве информирам дека од следната учебна година, воведуваме бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 4 одделение. Здрав, правилен и обилен оброк за сите 2.500 ученици од прво до четврто одделение, кој ќе го обезбедува Општината“, рече Герасимовски.

Тој, потенцираше дека за сите ученици од петто до деветто одделение, се воведува бесплатна екскурзија, насловена како „Ја сакаме Македонија“ преку која учениците ќе ги видат во неколку дена сите природни, историски и културни убавини и вредности на нашата сакана Македонија.

„Сакаме на сите деца да им дадеме можност да бидат дел од подобрата македонска иднина, како успешни личности кои ги сакаат, почитуваат и негуваат македонскиот јазик, култура и минато. Ја видовме гордоста денес, кога нашите ученици го подигаа македонското знаме, и знам дека мора да им помогнеме уште посилно да ја сакаат својата држава. За сите ученици кои имаат потреба, воведуваме бесплатна дополнителна поддршка, особено во природните науки, преку ангажирање на пензионирани наставници и професори, кои ќе бидат на располагање за полесно и адекватно, и основно, но и напредно, совладување на знаењата“, истакна Герасимовски.

Герасимовски, изјави дека се воведува и бесплатно користење на базен, во рамки на постоечкиот базен во едно од училиштата во Центар, кој целосно ќе се реновира, и до крајот на годината се започнува со изградба на уште еден затворен базен во друго основно училиште. Сите овие активности се планирани, подготвени и веќе на крајот на оваа година ќе бидат составен дел на општинскиот Буџет и новите Програми.

„Како Градоначалник на Општина Центар, Ве уверувам дека вашите првачиња, заедно со сите ученици, ќе учат во најдобрите основни училишта во градот и државата. Ве уверувам дека ги овозможивме најдобрите технички услови за образование, и во сите училишта имаме највисоки стандарди за образовниот процес, за хигиената, за исхраната, за безбедноста, за новите наставни техники, најважно имаме прекрасни и високо способни наставници. И оваа година, како и претходните, за првачињата обезбедивме нови ранци и училишен прибор. Од оваа учебна година, за првпат, обезбедивме и униформи, за да нашите ученици се чувствуваат удобно, но и еднакво помеѓу себе. Сакаме нашите ученици со гордост да ја чувствуваат припадноста кон своето училиште и кон општината Центар во која живеат“, посочи Герасимовски.