Учениците изложени на сајбер булинг, да се зголеми свеста за превенција
Неопходно е сите да се вклучат во кревање на свеста за опасностите на кои се изложени и да се превенира сајбер булингот на кој во светски рамки биле подложени 43 проценти од децата, а е присутен и кај нас, апелираа денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, кои со ученици од Основното училиште „Петар Поп Арсов“ слушаа предавања за сајбер безбедност.
– Кога зборуваме за сајбер безбедност обично луѓето сфаќаат дека е за безбедноста на компјутерските системи, но не е така. Сајбер безбедноста е многу повеќе и во денешното дигитално време особено децата кои се цело време на интернет се изложени на булинг и напади преку сајбер просторот. Податоците покажуваат дека во светски рамки 43 проценти од децата биле изложени на сајбер булинг и веројатно тоа се случува и со децата кај нас, изјави министерот Манчевски.
МИОА, укажа, од пролетта почна пилот проект за превенција преку едукација и заедно со учениците, наставниците и родителите сакаме да ја кренеме свеста за се што може да се случи преку сајбер булинг.
– Насилството во сајбер просторот за жал е многу често и може многу лесно да се пренесе во реалниот физичкиот простор и децата да бидат и физички загрозени, рече Манчевски.
Предавачи на работилницата се експерти од областа од Министерството за внатрешни работи, а за состојбите со сајбер насилството можностите за заштита на приватноста на интернет говореше Матеј Плавевски, средношколец, кој има добиено меѓународна награда за развивање апликација за спречување и пријавување сајбер насилство.
Плавевски веќе работи на надградба на апликацијата. – Целта е да им помогнеме на жртвите од сајбер насилство како полесно да добијат помош. Иницијална верзија на апликацијата е објавена, но со фондот што го добивме од УНИЦЕФ сакаме да ја доразвиеме, изјави Плавевски.
Општина Карпош, информираше градоначалникот Богоев, пред почетокот и во тек на учебната година презема активности за безбедноста на учениците од сите аспекети. – Ангажиравме дежурни лица кои ќе го запираат сообраќајот кога учениците доаѓаат и си одат од училиште, преземаме активности за безбедност во исхраната односно нејзин валитет, како и за сајбер безбедност. Во денешно време тоа се нови предизвици бидејќи дигитализацијата и користењето на интернет и социјалните мрежи се корисни но истовремено носат опасности, изјави Богоев.
Предавањето е трет ваков настан во рамки на пилот проектот и се планира активноста да се прошири и во останатите училишта Следната недела, најави манчевски, ќе стартуваат активности и за Европската недела на кодирање и ќе се зборува на овие теми и во основните и во средните училишта.