Учениците добија лекција за штрајкување
Основното училиште „Партение Зографски“ во скопската населба Кисела Вода вчера им го продолжи распустот на учениците. Нивните родители добија известување дека учителите и наставниците ќе се вклучат во предупредувачкиот штрајк на просветарите, па наставата ќе почне од денеска. Само педесетина метри понатаму, средношколците дојдоа во гимназијата „Васил Антевски-Дрен“ на првиот училиштен ден од новата учебна година. Таму учениците дојдоа да ја отворат сезоната, да се видат со старите соученици, а оние од прв клас да се запознаат со новите другари.
Предупредувачкиот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) темпиран за први септември помина во хаотична атмосфера. Никој не знаеше каде се штрајкува, каде се работи, колку деца се запишани, а колку вакцинирани, што е услов по прогласената епидемија. Некаде дури имаше и претстави за првачињата. Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вели дека добиле поддршка од сите синдикални единици низ земјата.
Неделков: Штрајкот беше успешен
„Во сите региони каде што СОНК има синдикални организации, а буквално има во секоја општина се почитува одлуката на Советот на СОНК да се пристапи кон предупредувачкиот штрајк и јас сум апсолутно задоволен. Од наши извори дознаваме дека и оние што не се наши членови на многу места се приклучуваат на штрајкот и им благодарам за нивното солидаризирање со нашата организација“, изјави Неделков.
Тој вчераутро го посети ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче во Скопје каде што наставниците беа на работа, но немаат активности, но затоа ги примија првачињата. Неделков нагласи дека според нивни сознанија, не се вршат притисоци врз наставници за да се прекине штрајкот.
„Онаму каде што се прифаќаат ученици и првачиња, тоа се колеги кои не се наши членови и кои не пристапиле кон штрајкот“, додаде претседателот на СОНК.
Просветните работници од вчера почнаа да добиваат повисока плата од пет отсто. Од Министерството за образование потсетија дека и минатиот септември ги покачиле платите за пет отсто, што значи дека вкупната бројка е 10,8 отсто. Но Синдикатот смета дека покачување од околу илјада денари на просечна плата од 21.000 денари е малку, поради што бараат личниот доход да им биде зголемен за 25 отсто, односно за околу пет илјади денари во просек.
„Месеци наназад немаме конкретна понуда колку и од кога. Мислам дека во септември картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на зголемувањето на платите за во октомври да знаеме што понатаму. Ако најдеме решение, наставата ќе продолжи во најдобар ред, ако не Советот на СОНК на почетокот на октомври ќе расправа за преговорите во септември и ќе донесе соодветна одлука. Каква ќе биде таа, во овој момент не можам да прејудицирам“, рече Неделков.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми не знаеше во колку училишта се штрајкува, но сметаше дека во добар дел новата учебна година почна нормално. Повтори дека нема причина за штрајк и оти Владата работи на подобрување на статусот на наставниците. Тој утрото го посети ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопско Ново Лисиче, при што им посака успех на учениците и наставниците во претстојната учебна година повторувајќи го ставот дека нема потреба и причина за штрајк кога Владата, како што рече, е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците.
Забрчанец: Зошто страдаат децата?
На таа линија размислуваат и останатите соработници на премиерот Зоран Заев. Марјан Забрчанец, кој е дел од Службата за комуникации на Владата, вчера запраша која е причината да се штрајкува при раст на плати?
„Во септември 2018 година просветарите добија покачување на платите за 5 отсто. Во септември 2019 се активира ново покачување за уште 5 проценти или вкупно раст на платата за 10,8 отсто во споредба со пред една година. Владата и СОНК разговараат за нови покачувања во 2020 година. Која е причината да се штрајкува при раст на плати? Која е причината децата да страдаат додека растат платите во образованието?“, не му е јасно на Забрчанец.
Доби јавен одговор од Симона Петковска-Илиеска, професор по филозофија и наставник по Етика и граѓанско образование во ОУ „Владо Тасевски“ во населбата Карпош. Таа признава дека во ситуација на екстремно поделено синдикално членство, кога голем број наставници се надвор од единствениот репрезентативен синдикат, штрајкот на просветните работници е само фарса. Според неа, СОНК никогаш чесно не ги застапувал интересите на професорската фела и секогаш во последен момент успевал да се „договори“ со власта (која и да е) за наводен достоинствен третман на наставниците.
„Така, сите досегашни обиди за штрајк пропаѓале со договор за кој наставниците ништо не знаеле. СОНК со овој претседател нема кредибилитет и тоа е факт. Затоа и огромната разочараност на фелата во овој синдикат, до степен на целосно пасивизирање и пуштање работите сами да се тркалаат“, напиша таа.
Професори: Платите ни се помали од просекот
Просветните работници со кои разговаравме велат дека нивните плати се далеку од државниот просек, а нивните обврски се исклучително сериозни и одговорни бидејќи ја воспитуваат иднината на земјата.
„Почетната плата кај наставниците е околу 20.000 денари и за да ја добиеш, потребно е да имаш фонд од минимум 20 часа неделно. Врз основа на стажот, расте и платата, па така тие што се пред пензија можат да стигнат и до плата од 25.000 денари. Ако имаш помалку часови, платата може да ти биде и шест илјади денари. Многумина сметаат дека наша единствена задача е да седиме во училница, да одржиме пет часа дневно и потоа си одиме зима. Во лето имаме два месеца одмор, а во зима еден. Но, секако дека обврските не завршуваат со крајот на часовите. Покрај обичниот дневник, секојдневно го пополнуваме и електронскиот дневник, таму детално објаснуваме што сме работеле. Се подготвуваме за часови, прегледуваме писмени задачи… Одморот во лето е од 5 јули до 15 август, а во зима десетина дена. Притоа, условите за работа се далеку од идеални, се случува сами да плаќаме печатење на тестови или друг училиштен прибор“, се жалат наставниците.
Тие признаваат дека меѓу нив има силна политичка определба и не е тајна дека секоја власт вработува свои кадри во училиштата. Општините ги диктираат вработувањата во основните училишта, додека средните се под ингеренција на Министерството за образование и наука.
МОН: Значително зголемен процентот на вакцинирани деца
Од Министерството за образование и наука засега немаат податоци дали има незапишани ученици поради немање МРП-вакцина и нив ќе ги добијат овој месец преку Државниот просветен инспекторат. Министерот Арбер Адеми изјави дека е значително зголемен процентот на деца вакцинирани за заштита од мали сипаници, а и натаму, рече, МОН ќе ја следи состојбата во координација со Министерството за здравство.
„Државниот просветен инспекторат има надлежности зашто до него училиштата ќе доставуваат информации кои деца не се запишани, а би требало да бидат. Сите податоци за запишани деца ќе ги добиеме овој месец, а со министерот за здравство договоривме да има и теренска вакцинација во самите училишта за да се подигне опфатот на вакцинирани деца“, изјави Адеми.
По ширењето на заразата во минатата учебна година, за која во средината на април беше прогласена и епидемија на територијата на целата држава, беше донесена одлука во градинките и училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложување вакцинален картон.
Министерството за здравство минатиот понеделник соопшти дека вакцинацијата со МРП-вакцина во целата држава е 98 проценти. Во Скопје 99, а во останатиот дел од државата 97 отсто. Од почетокот на епидемијата, регистрирани биле 1.893 случаи со мали сипаници во целата држава што, според Министерството за здравство, е најголем број во изминатите 20 години.
Африм Гаши го поддржа штрајкот
Владината Алтернатива на Африм Гаши изрази огорченост што уште има училишта во кои наставата не се реализира на мајчиниот јазик на учениците и во кои недостигаат основни и современи услови за квалитетно образование, а, како што велат, и состојбата на наставниците е далеку од посакуваното.
„Го подржуваме штрајкот на наставниците и научните работници, како и нивните барања. Независно од нашата политичка позиција, сметаме дека едно општество и една држава која не се грижи за наставниците, со тоа потврдува дека нема чувство за својата иднина. Секако, треба да се поздрави одлуката на Владата за покачување на нивните плати за 5 отсто, но тоа е симболичко унапредување во споредба со нашите должности кон наставниците. Образовните и научните работници ја заслужуваат највисоката почит во општество и треба да бидат рамноправни со нивните европски колеги и на таа тема не треба да има никаков компромис. Не може да има реформи во образование со наставници кои живеат во прагот на сиромаштијата“, заклучуваат од партијата на Гаши.
Лути и во Србија
И во Србија учебната година започна хаотично. Поради непостоење социјален дијалог и неисполнување на поранешните договори, првиот училиштен ден помина со скратени часови од по 30 минути. Претседателката на Синдикатот, Јасна Јанковиќ, ја потсети владата дека лани издала документ според кој платите во просветителството ќе пораснат за 36 проценти за три години.
„Ништо нема од тоа“, разочарано констатира Јанковиќ.
Горан Адамовски
Фото: Борис Грданоски