Ученици од Прилеп изработија навлаки за перници за старечкиот дом


Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп денеска донираа 120 навлаки за перници, кои сами ги изработиле, во рамки на наставата, на штитениците од Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во нивниот град.

Процес на изработка

Учениците од насоката Техничар за изработка на облека, на иницијатива на нивната професорка Јулијана Поповска, изработија навлаки за перници од памучни материјали, донирани од прилепските конфекции, наменети за оспособување на идните дизајнери на облека.   

– Да бидеме хумани! Грижата за стари лица е наша обврска и должност. 14 ученици од трета година од текстилната струка, Техничар за изработка на облека СОУ  „Ѓорче Петров” – Прилеп од донирани текстилни материјали од нашите соработници компанијата „Тритекст трејд”, конфекција „Кули” и компанија „Комфи Ангел”,  за ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник” – Прилеп изработивме и дониравме 120 навлаки за перници и четири декоративни перници. Хуманоста создава радост и насмевки – вели професорката Поповска.

Во работилницате која располага со машини за шиење, каде учениците практично го вежбаат она што го научиле на часовите во рамки на задолжителната пракса, изработенисе 120 навлаки за перници. Испеглани и интересно спакувани, учениците денеска им ги поделија на штитениците на домот, на радост на сите. 

Пред извесно време, во домот биле набавени нови кревети, а од потребната постелнина за нив, им фалеле токму навлаки за перници, па оваа донација дојде во вистинско време.