Ученици од Конче немаат превоз до училиштето во Радовиш


 

Веќе трет ден од работната недела 66 ученици кои живеат во Конче немаат превоз до нивното училиште кое се наоѓа во Радовиш, СОУ „Коста Сусинов“, информира Сојузот на средношколци.

Според нив, проблемот се провлекува подолго време, поради пропусти на претходните локални самоуправи во Општините Радовиш и Конче.

Имено, превозниците на ученици по линијата Конче-Радовиш-Конче ги изгубиле своите лиценци бидејќи им истекол рокот. Учениците се соочуваa со сличен проблем во почетокот на ноември, како и на почетокот на второто полугодие, но Сојузот во разговор со сегашниот градоначалник на Општина Конче успеа да го реши проблемот во двата наврата, а средношколците да не изгубат од наставата.

Потсетуваат дека законската обврска да организира превоз на ученици припаѓа на Општина Радовиш бидејќи СОУ „Коста Сусинов“ се наоѓа во Радовиш, а не во Конче.

Член 41-а став 1 од Законот за средното образование гласи: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом“.

Сојузот разговарал и со градоначалникот на Општина Радовиш и со претставници на училиштето. Се прават напори час поскоро да се организира бесплатен превоз за средношколците и дека се соочуваат со административни и процедурални пречки.

Сепак велат, не смее да се дозволи 66 средношколци да изгубат цела наставна недела поради администрација или нечија претходна грешка. Највисокиот правен акт на нашата земја.

Уставот, е јасен: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“ (Член 44).

Затоа, ги повикаа институциите да ја почитуваат својата уставна и законска обврска и итно да го решат прашањето на превозот.