Ученичка од Скопје со сребрен медал на светскиот MOS натпревар во Њујорк

Сребрен медал за освоеното второ место на светскиот „Microsoft Office Specialist“ натпревар одржан во Њујорк од 28 до 31 јули годинава доби ученичката Ана Марија Атанасовска од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.

Атанасовска на денешната прес-конференција во Скопје истакна дека патот до успехот никогаш не е лесен, исполнет е со многу труд и многу работа.

-Интензивно почнав да се подготвувам за овој натпревар веднаш по освојувањето на титулата национален шампион, односно веднаш кога го освоив првото место на националниот MOS натпревар. За натпреварот се подготвував гледајќи различни видеа, видео-клипови за оваа програма користејќи различна литаретура и правев различни презентации кои ми помогнаа дополнително да ја усовршам програмата Power Point 2013. Се подготвував во соодветни услови во просториите на компанијата „Certiadria“, а секако тука беше и мојата менторка Жаклина Прекич, која секогаш беше тука да одговори на секое прашање, рече Атанасовска.

Додаде дека чувството да се биде светски вице-шампион е навистина прекрасно, но напомена дека освен со титула, од Њујорк се вратила со огромно искуство, стекнато пријателство и мотивација за личен развој.

Валентина Тасева, генерална директорка на Семос едукација истакна дека нашите млади заслужуваат големо внимание и апелираше за поголема помош и активно вклучување на поголем број компании и државни институции со поддршка, со цел да се овозможи присуство на македонските претставници на глобалните „Microsoft Office Specialist“ и „Adobe “ шампионати во поголем број.

Според директорот на „Certiadria“, Марко Серафимовски, овој голем успех е мотив за повеќе млади да се пријават на овој натпревар наредната година.

-Среќен сум што со напорна работа и многу труд успеавме да направиме историски успех. Сигурен сум во капацитетите што ги имаат нашите млади и во нивната желба за личен развој во дигиталниот свет и докажување на дигиталната писменост. Ги повикувам сите ученици и студенти од 13 до 22 години активно да се вклучат во натпреварите и да го докажат своето знаење. Ги повикувам и сите наставници, професори, ментори и родители да ги поттикнат децата да се натпреваруваат со знаење и да го инвестираат своето време, труд и знаење кон нив, додаде Серафимовски.

Нашата држава четврта година по ред испраќа свои претставници на MOS и АСА во организација на „Certiadria“, а ова е највисокото место што досега го постигнал македонскиот претставник на натпреварот во конкуренција со 152 ученици од 119 земји во светот.

Организатори и спонзори на натпреварот во учебната 2018/2019 година се „Certiadria“, Семос едукација, Град Скопје и Стпанска банка АД – Скопје.