Убијците на Саздо дојдоа на пресуда со навивачки обележја


Облечени во исти дуксери со навивачки обележја, Бесир Беља и Скендер Демири вчера претпладне беа спроведени од истражниот затвор во Шутка во Кривичниот суд за да ја слушнат одлуката на судечкиот совет кој ги судеше за убиството на младиот Никола Саздовски. Пред да им биде изречена пресудата, двајцата обвинети лежерно си разговараа меѓу себе, но она што паѓаше во очи беше тоа што двајцата беа облечени исто, на нивните дуксери пишуваше „Екипа 420“, а на левата рака имаше симбол на навивачка група која е дел од „шверцери“, навивачите на фудбалскиот клуб „Шкупи“. И кога веќе слушнаа дека се осудени на 19 години, воопшто не покажаа знаци на вознемиреност иако, ако се потврди пресудата, најголемиот дел од младоста најверојатно ќе ја поминат во затвор.

„Овде треба да испратиме порака дека свирепоста не е начин на кој младите треба да комуницираат. Родителите на двајцата обвинети загрижени доаѓаа на секое рочиште и јас сум убедена дека тие не ги учеле своите синови дека треба да се однесуваат вака. На рочиштата доаѓаа и родителите на Саздовски кои, пак, секогаш ќе имаат празнина поради смртта на нивното дете. Како што рече и таткото на Никола, за нив едно поглавје од животот засекогаш е завршено“, рече судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која го водеше овој случај.

Мајката и таткото на убиениот Саздовски не можеа да ги задржат солзите додека ја слушаа пресудата за обвинетите за убиството на нивниот син кој животот го изгуби на 21 година. Иако Никола нема никогаш да им се врати, задоволни се од пресудата.

„За мене лично и 1.000 години да беше казната, нема земски суд што може да определи доволно висока казна за ова дело. Не можам да кажам дека не сум задоволен. Во Македонија луѓе зборуваат дека нема никаква правда, од ова видовме дека правдата, како една капка во море, може да биде задоволена. Се надевам дека некој повисок суд нема да ја преиначи казната и ќе остане истата“, изјави таткото на Никола, Тони Саздовски. На осудените им порача да го откријат нивниот соучесник кој избега, Јетон Љужа.

„За Никола повеќе нема враќање. Сите што го знаеја, а го знаеја многу, знаат дека не беше насилник, сакаше да другарува со сите“, порача тој.

Освен затворската казна, двајцата обвинети треба да му платат по 80 илјади евра на семејството на Саздовски, односно по 1,2 милион денари на таткото и мајката, по милион денари на неговите брат и сестра и 600.000 денари на неговата баба за болката што ја претрпеле. Семејството најави дека овие пари, ако некогаш им бидат исплатени, ќе ги дадат за хуманитарни цели.

„Доколку некогаш се наплати нематеријалната штета, ќе биде донирана во хуманитарни цели. Пријателите, роднините, братучедите на Саздо организираа минатата година турнир во село Ракотинци. Тој турнир во мал фудбал се надеваме ќе биде традиционален за сеќавање на него и за сите на кои насилно им е одземен животот. Парите ќе бидат насочени во таа насока и на оној на кој му е потребна помош“, рече тој.

Братот на обвинетиот Бесир Беља, Бесар Беља рече дека не се задоволни од одлуката и дека ќе се жалат на апелација.

„Видовме дека се уште нема правда во Македонија, ова е премногу и е еднострана пресуда“, рече Беља.

Беља и Демири пред судот рекоа дека не се чувствуваат виновни за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски, припадник на навивачката група „Комити“ кого го претепаа на 29 јуни 2018 година. Нивните адвокати тврдеа дека нема тука свирепо убиство, туку дека по нападот и тепањето Саздовски паднал на метална кутија на ЕВН и паднал во кома.

Според обвинението, тројцата обвинети кобниот ден го виделе Саздовски пред фабриката „Алкалоид“ во скопската населба Автокоманда и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, го прашале: „Ти ли си тој Никола Саздовски што го викаат Саздо?“

Кога Саздовски им дал лична карта, обвинетите заедно почнале да го удираат со боксови по главата и градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено, и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите.

Саздовски во кома беше пренесен на КАРИЛ каде што почина на 9 јули. Судечкиот совет, повикувајќи се на вештачењата од Судска медицина и од извршената реконструкција на настанот во присуство на сведоците очевидци, констатирал дека Саздовски не починал од падот врз кутијата на ЕВН, туку дека обвинетите свирепо го убиле.

Фросина Факова-Серафиновиќ