Убиениот руски пилот беше „морален труп“, рече шефот на руската шпионска агенција


 

Шефот на руското надворешно разузнавање рече дека рускиот пилот кој пребегна во Украина и бeше пронајден застрелан мртов во Шпанија минатата недела бил „морален труп“ кога го планирал своето пребегнување, објавија руските новински агенции.

Извештаите во руските и шпанските медиуми велат дека Максим Кузминов бил пронајден мртов откако наводно се преселил во градот Вилјахојоса кај Аликанте на брегот на Средоземното Море, во област популарна кај туристите.

Неговото тело беше откриено минатиот вторник, како што беше кажано, на рампата на паркингот под станбен блок. Во извештаите се тврди дека тој бил убиен од непознати вооружени лица кои испукале 12 куршуми.

Кузминов ја премина линијата на фронтот минатиот август додека беше на лет меѓу две руски воздушни бази. Тој требаше да транспортира делови за борбени авиони „СУ-27“ и „Су-30“. Наместо тоа, тој го приземји својот двомоторен хеликоптер „Ми-8“ на украинска територија.

„Во Русија е вообичаено да се зборува или добро за мртвите или ништо“, рече Сергеј Наришкин, директорот на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР), во вторникот, на прашањето за Кузминов.

„Овој предавник и криминалец стана морален труп токму во моментот кога го планираше своето валкано и страшно злосторство“, рече Наришкин, цитиран од новинската агенција Таса.

Пребегнувањето на Кузминов во Украина минатата година беше претставено како голем државен успех за Киев.

Тој живеел во Шпанија со украински пасош под друго име, објави шпанската државна новинска агенција ЕФЕ. Украинското воено разузнавање ГУР потврди дека Кузминов бил пронајден мртов во Шпанија.