Убиениот битолчанец во 2018 бил кривично гонет за семејно насилство врз сопругата

Полицијата потврдува дека поранешната сопруга го пријавила Стојанче Соколов затоа што ѝ нанел телесни повреди


(Фото: А: Блажевска)

 

БИТОЛА – Битолчанецот Стојанче Соколов (44), кој вчера беше убиен од дедото при обид да изврши насилство со мачета врз својата поранешна сопруга и во 2018 бил кривично гонет за семејно насилство врз сопругата.

Според податоците од СВР Битола тој пред 3 години ѝ нанел телесна повреди на својата сопруга по што таа го пријавила.

„Според нашата евиденција во 2018 година С.С. бил пријавен од сопругата за нанесување на телесна повреда, за што полицијата му поднесе кривична пријава за семејно насилство со нанесување на телесна повреда. Од 2015 до 2022 година ова е единствена кривична пријава за семејно насилство поднесена против него од страна на сопругата според нашата евиденција“, велат од СВР Битола за „Независен“.

Каков исход имала оваа кривична пријава против Соколов засега немаме податок. Сега убиениот одлежувал и затворска казна и имал дебело криминално досие, велат од полицијата, но без подетални податоци.

Битолчани на социјалните  мрежи сѐ повеќе ја искажуваат поддршка за дедото кој во моментот на убиството ја бранел својата ќерка од насилникот, кој пак упаднал кај нив дома со мачета. Неофицијално се зборува дека убиството било снимено од камерите поставени на објект каде престојувал дедото. Обвинителството наведува дека ќе се обезбедат снимки од видеонадзор на објектот.

ОЈО денеска се огласи дека за дедото ќе биде побаран  притворен бидејќи со умисла го лишил од живот неговиот бивши зет.  Обвинителството го товари дедото за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик. Во законот стои дека „Тој што друг ќе лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците“, велат од ОЈО.​

Според првичните сознанија, на 21 февруари сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „бајкал“ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место, стои во извештајот на Обвинителството.

Телото на починатиот е дадено на обдукција, а се прибираат траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.