Убиени 43 затвореници во конфликт на банди во затвор во Еквадор


Најмалку 43 затвореници ги загубија животите во судирите меѓу ривалските банди во затворот во Еквадор во понеделникот, од каде околу стотина затвореници успеаја да побегнат користејќи ги масите.

„Досега имаме 43 убиени затвореници“, објави главното обвинителство на Твитер.

„Во болница се примени 13 лица, неколку од нив се тешко повредени, а бројот на загинатите може да се зголеми“, коментираше министерот за полиција, Патрисио Карило.

Судирот избувнал во затворот Белависта, во провинцијата Санто Доминго де лос Касилас, на околу 80 километри западно од главниот град Кит.

Директорот на еквадорската полиција изјави дека „напаѓачите покажале крајна суровост“ и дека голем број затвореници успеале да побегнат за време на конфликтот.

Иако властите не го објавија бројот на бегалците, 112 беа „фатени“, а 108 сè уште се „исчезнати“ од евиденцијата, рече генералниот директор на полицијата Фаусто Салинас. „Во затворот се испратени 250 полицајци, 200 војници и дополнително засилување“, рече тој.

Затворот Белависта, во кој можат да се сместат 1.200 затвореници, моментално има 1.700.

„Повеќето, ако не и сите, од жртвите се убиени со ножеви, а не со огнено оружје“, а „нивните осакатени тела се оставени на местото на настанот“, рече министерот Карило.

Судирите, честопати крајно сурови, се вообичаени во еквадорските затвори, каде од февруари 2021 година загинаа речиси 350 затвореници.