Убиена најмладата еквадорска градоначалничка (27)


Најмладата градоначалничка на Еквадор Брижит Гарсија (27) и вработена во градот биле пронајдени убиени во автомобил вчера рано наутро, соопшти еквадорската полиција. Властите на таа јужноамериканска земја ја обвинуваат трговијата со дрога за бранот насилства во земјата, пишува Ројтерс.

Националната полиција соопшти дека ја истражува смртта на 27-годишната градоначалничка на Сан Висенте и Жаир Лоор, нејзиниот директор за комуникации, откако нивните тела биле откриени во провинцијата Манаби. Биле застрелани, соопшти полицијата.

„Ова е атентат“
Подоцна вчера, полицијата соопшти дека пукањето дошло од изнајмен автомобил и дека го следеле ГПС системот на возилото. Гарсија беше во партијата Движење на граѓанската револуција на поранешниот претседател Рафаел Кореа.

Кореа и Луиза Гонзалес, претседателски кандидат на партијата на неодамнешните избори, убиството на Гарсија го нарекоа атентат. „Само што дознав дека ја убиле нашата колешка, градоначалничката на Сан Висенте, Брижит Гарсија“, објави Гонзалес на X.

Минатото лето беше убиен претседателски кандидат кој беше гласен критичар на корупцијата и организираниот криминал
Гарсија е последната политичка фигура во Еквадор убиена по атентатот на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио во август минатата година.

Вилависенсио, гласен критичар на корупцијата и организираниот криминал, беше убиен за време на кампањата две недели пред претседателските избори.

Претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба во јануари поради зголемено насилство откако вооружени напаѓачи упаднаа во ТВ станица за време на пренос во живо. Нобоа назначи и 22 криминални групи како терористички организации.

На почетокот на овој месец, вонредната состојба во Еквадор беше продолжена. Во соопштението, владата на Набоа ги осуди убиствата и рече дека соработува со обвинителите и полицијата за да се обезбеди брза истрага. „Ќе ги зајакнеме политиките за јавниот ред додека не се постигне безбедност и мир за сите Еквадорци“, соопшти владата.