Лекар избоден до смрт пред поликлиниката „Железара“ во Скопје

Матичниот лекар Ацо Трповски (67) бил пронајден мртов со повеќе убодни рани во неговиот автомобил на паркиралиште


Лекарот Ацо Трповски имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“

 

Лекар е убиен пред поликлиниката „Железара“ во Скопје во неговиот автомобил со повеќе убодни рани. Станува збор за Ацо Трповски (67), кој бил матичен лекар и неговата ординација била во поликлиниката. Автомобилот во кој е пронајдено неговото мртво тело бил на паркингот во близина на поликлиниката.

Тој бил пронајден во 23 часот од неговите синови кои почнале потрага по него откако не се вратил дома.

„Инспекторите се овде. Докторот е вработен во приватна здравстствена установа која приватна концесија доби од кај нас и работеше активно, како втор тим. Поликлиниката работи до 19 часот и 30 минути, немаме дежурна служба, така што ова се случило после работното време. Паркингот е на стотина метри од поликлиниката и сите го користиме„, изјави за „Слободен печат“ директорот на поликлиниката „Железара“, Александар Вељановски. 

„На 21.03.2024 во 23,09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т. (67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција“, велат од МВР.

Ацо Трповски бил познат лекар во неговата фела. Според информациите, тој вечерта посетил настан организиран од фармацевтска компанија за некој лек, а потоа не се вратил дома по што семејството и пријателите почнале да го бараат. Што се случило по овој настан и како лекарот да биде избоден во сопственото возило во овој момент е мистерија, која треба да ја одгатнат полицијата и истражните органи.