Убиецот на момчето од Ново Лисиче доби три години затвор


Затворска казна од три години доби скопјанецот А.Т.(18), кој беше обвинет за убиството на Никола Христовски (17) кое се случи на 14 август лани во Паркот на музиката во Ново Лисиче.
Од Основниот кривичен суд Скопје, за МКД, појаснуваат дека за ова кривично дело убиство на миг за кое му се судеше на обвинетиот предвидена е затворска казна од 1 до 5 години.
 
Член 125 вели дека тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години.

„На 14.08.2019 година на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во населбата Ново Лисиче, обвинетиот, доведен во состојба на силна раздразнетост, со умисла го лишил од живот оштетениот Никола Христовски. Имено, група од повеќе лица, во која бил и оштетениот, го пресретнала обвинетиот во близина на една бензинска пумпа и започнале да го навредуваат и физички да го напаѓаат со влечење и удари по телото. Обвинетиот започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчале по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога се доближил до влезот на една зграда обвинетиот се обидел да влезе, но не успеал. Во тој момент, прв до него стигнал оштетениот Никола Христовски, па обвинетиот доведен во состојба на силна афективна раздразливост, реагирал импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Тој извадил нож со сечиво од 9 сантиметри и на оштетениот му задал убодна рана во десната страна на градниот кош. Оштетениот бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза” каде му бил извршен хируршки зафат, но починал како резултат на крваречки шок“, велат од ОЈО Скопје.