Убиецот на Мартин се предал сам, се криел и во Србија


Скопјанецот Филип Секуловски од неделата не е на листата на бегалци на Министерството за внатрешни работи. Полицијата соопшти дека 25-годишното момче е приведено и пренесено во истражниот затвор „Скопје“. Осомничениот за убиството на фудбалерот Мартин Јанушев, извршено пред речиси две години во населбата Аеродром, се предал сам. Не се знае што го мотивирало конечно да ѝ се предаде на правдата ниту, пак, каде ги минал последните две години додека по него трагаше и Интерпол. Според непотврдени сознанија, кратко по убиството, Секуловски побегнал во Србија.

Секуловски со прекар Кобра се сомничи дека со умисла го убил 28-годишниот Јанушев. Според истрагата, осомничениот, користејќи дозволено викенд-отсуство, го напуштил затворот „Идризово“, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци поради трговија со дрога. На 3 ноември 2017 година во 18 часот, тој дошол пред зградата во населбата Аеродром во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе куршуми од огнено оружје нанесувајќи му пет прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал.


Испитани беа четириесетина сведоци, извршени еден куп вештачења и анализи.
Блиските на убиеното момче се вработени во МВР, па низ чаршијата се слушаа разни гласишта околу мотивот за злосторството.
Лани министерот Оливер Спасовски соопшти: „Досегашните сознанија демантираат дека станува збор за нарачано убиство“, но и натаму е нејасно кои биле причините за ладнокрвното убиство што ја згрози јавноста.
Казната на Секуловски истекуваше во јуни 2018 година, но осум месеци пред да ја дочека слободата, тој се реши да му го одземе животот на Јанушев, соочувајќи се со нова, поголема затворска санкција. Пред да го изврши грозоморниот чин, Секуловски се сретнал со познато лице од скопското подземје, за кого се шпекулираше дека бил вмешан во убиството.
Случајот сега е во рацете на Обвинителството, кое треба да даде одговор на сите прашања.
Јанушев играл за клубовите Маџари Солидарност, 11 Октомври и Локомотива. (Г.А.)