Уби 7 милиони луѓе, а каде исчезна? Кина да признае


Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, во четвртокот изврши притисок врз Кина да ги сподели своите информации за потеклото на Ковид-19.

Тој рече дека сите хипотези се на маса додека Кина не ги сподели податоците, на повеќе од три години откако се појави вирусот.

„Сите хипотези се на маса. Тоа е ставот на СЗО и затоа побаравме од Кина да соработува“ рече тоја и додаде: „Да го направеа тоа, ќе знаевме што се случи или како започна.“

Вирусот првпат беше идентификуван во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, а многумина се сомневаат дека се проширил на пазарот на живи животни пред да го зафати светот и да убие речиси 7 милиони луѓе.

Кинеските научници минатиот месец споделија податоци од раните денови на пандемијата Ковид во меѓународна база на податоци.

Во тие податоци има генетски секвенци пронајдени во повеќе од 1.000 животински примероци земени во јануари 2020 година од пазарот за морска храна Хуанан во Вухан, местото на првата позната појава на вирусот Ковид-19.

Податоците покажаа дека ДНК од повеќе животински видови била присутна во примероците од животната средина кои биле позитивни на САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува Ковид, што сугерира дека тие се „најверојатните носители“ на болеста, според она што го објави тимот меѓународни истражувачи.

Меѓутоа, во нерецензирана студија објавена оваа недела во списанието Nature, научниците од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести ги оспорија наодите на меѓународниот тим.

Тие рекоа дека примероците не даваат доказ дека животните биле всушност заразени. Примероците беа земени еден месец откако вирусот првпат беше пренесен од човек на човек на пазарот, па дури и да се тестираат позитивно за Ковид, животните би можеле да го добијат вирусот од луѓе.

Марија Ван Керхов од СЗО, технички лидер за „Ковид-19“, рече дека најновите кинески информации нудат некои „навестувања“ за потеклото, но нема одговори. Таа рече дека СЗО работи со научници за да дознае повеќе за најраните случаи во 2019 година, како на пример каде се наоѓаат заразените.

Таа додаде дека СЗО сѐ уште не знае дали се направени сите потребни истражувања во Кина.