Убер сака да го купи Глово
Американскиот Убер понуди речиси 15 милијарди долари за да ја купи германската компанија за достава на храна „Деливери Херо“ (Delivery Hero), која е исто така сопственик на Глово, со што сигнализира проширување на својот бизнис во услови на сè пожестока конкуренција во нејзината матична земја САД и Европа.
Убер понуди 41,50 евра (47,60 американски долари) по акција за „Деливери Херо“, проценувајќи ја компанијата со седиште во Берлин на околу 14,8 милијарди долари. Понудата е приближно 34 проценти повисока од тримесечната просечна цена на акциите на Delivery Hero, пондерирана со прометот, соопштија компаниите.
Убер моментално поседува нешто помалку од 25 проценти од акциите на „Деливери Херо“, со уште 12 проценти во финансиски инструменти. Американската компанија го условува стекнувањето со минимален праг на прифаќање на понудата од 50 проценти плус една акција.
Продажбата е одобрена од управниот и надзорниот одбор на „Деливери Херо“ и се очекува да биде завршена во втората половина од следната година. Како дел од понудата, Убер се обврза да инвестира две милијарди долари во Германија до 2031 година.
Според договорот, тие треба да ги задржат вработените и седиштето на „Деливери Херо“, кое сè уште се наоѓа во Берлин, барем до 2029 година, иако компанијата ги продаде операциите во својата матична Германија на Just Eat Takeaway.
Трансакцијата ќе создаде платформа за достава на храна што ќе покрива 99 земји со комбинирана проценета бруто вредност на испорачаната стока (GMV) од 236 милијарди долари во 2025 година, соопшти „Деливери Херо“ во соопштението.
За споредба, кинескиот гигант Meituan минатата година испорача храна во вредност од 1,67 билиони јуани (246,5 милијарди долари) преку својата дигитална платформа. „Заедно, речиси ќе го дуплираме бројот на пазари на кои нудиме услуги за превоз и достава“, изјави извршниот директор на Убер, Дара Косровшахи, во заедничка изјава.
Аквизицијата на „Деливери Херо“ ќе ја прошири мрежата за достава на храна на Убер, Uber Eats, во Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка. Сепак, со оглед на преклопувањето на двете компании на овие пазари, се очекува дека тие ќе бидат под лупа на регулаторот за заштита на конкуренцијата на пазарот, забележува Ројтерс.
Во обид да го олесни патот до добивање регулаторни одобренија, „Деливери Херо“ се согласи да продаде дел од својот бизнис што покрива 14 пазари на американската инвестициска фирма SSW Partners за приближно 1,4 милијарди евра како дел од договорот. Холандската инвестициска компанија Prosus е подготвена да го продаде својот удел во „Деливери Херо“, нешто помалку од 17 проценти.
Интересот на Убер за „Деливери Херо“ беше објавен кон крајот на мај, кога американската компанија понуди околу 10 милијарди долари за преземање, или 33 долари по акција, што се сметаше за прениска цена.
„Приклучувањето со силен партнер во овој момент е вистинскиот потег за „Деливери Херо“, што ќе ја обезбеди конкурентноста на компанијата на најдобар можен начин во иднина“, рече шефот на надзорниот одбор, Кристин Скоген Лунд, нагласувајќи ја важноста на зајакнувањето во услови на жестока конкуренција во секторот.
Основана во Берлин во 2011 година, „Деливери Херо“ брзо се прошири преку серија аквизиции што ја доведоа во групата на најголемите компании за достава на храна во светот, но под притисок од инвеститорите, тие се повлекоа од одредени пазари.
Убер, од друга страна, се фокусираше на аквизиции за повторно да го поттикне растот што забави по скокот за време на пандемијата. Во 2020 година, ја купи американската компанија „Постмејтс“ за 2,65 милијарди долари за да ја зајакне својата позиција во САД, откако се откажа од обидот да го купи „Грубхаб“, забележува „Ројтерс“.