„Убер“ отпушта 3.000 вработени


Компанијата најави драстични кратења за да ја обезбеди својата иднина

„Убер објави ригорозен акциски план за намалување на својата деловна активност, откако пандемијата со корона вирусот ги погоди нејзините активности. Од компанијата соопштија дека ќе намалат дополнителни 3.000 работни места, со што вкупните намалувања во последните недели изнесуваат една четвртина од работната сила. Исто така, затвора или консолидира повеќе од 40 канцеларии и ги ликвидира одделите, како што е неговата лабораторија за вештачка интелигенција.

Раководството на компанијата изјави дека потезите се неопходни „за да се обезбеди нашата иднина“, пишува „Би-Би-Си“.

„Ние мора да се етаблираме како самостојно претпријатие кое повеќе не се потпира на нов капитал или инвеститори за да продолжи да расте, да се проширува и иновира“, напиша главниот извршен директор Дара Хосроушахи во писмото до вработените.

„Мора да ги донесеме овие тешки одлуки за да останеме силни на сопствените две нозе, да ја обезбедиме нашата иднина и да продолжиме со нашата мисија“.

Пад од 80 отсто

Уште пред пандемијата, Убер се бореше со огромни загуби. Но, предизвиците се мултиплицираа откако се намалија активностите за време на пандемијата.

Бројот на возења на „Убер се намали за 80 отсто минатиот месец најмногу во САД и Канада. Во меѓувреме, иако бизнисот за испорака на храна Uber Eats е зголемен тој и натаму работи со заггуба.

Претходно овој месец, Убер објави дека ќе скрати 3.700 работни места и предупреди за евентуално дополнително намалување. Намалувањето на работната сила не вклучува возачи, кои Убер ги смета за независни лица со кои има склучено договор.

Засегнати се канцелариите во Сан Франциско и во Сингапур, кои ќе започнат да се затвораат во текот на следната година бидејќи фирмата избира ново регионално седиште.

„Убер соопшти дека ќе го реорганизира преостанатиот персонал и ќе ги намали трошоците во области кои не се дел од основниот бизнис за личен транспорт или испорака на храна, вклучувајќи ги и неговите лаборатории за вештачка интелигенција.

Ваквите активности се очекува да ги намалат трошоците за 1 милијарда американски долари, соопшти компанијата.

Пошироко влијание

Постапките на Убер се последниот знак за тековните економски влијанија на вирусот и напорите за негово контролирање.

Додека некои места започнаа да ги олеснуваат ограничувањата, многу компании – особено оние во туристичката индустрија – предупредуваат дека ќе биде потребно време за да се врати довербата на јавноста во безбедноста на многу секојдневни активности.

Помалиот ривал на Убер, Лифт, исто така најави значително намалување на работните места, како и авиокомпаниите, хотелиерите и платформите за резервации, како што е Airbnb“.

„Со оглед на драматичното влијание на пандемијата и непредвидливата природа на какво било евентуално закрепнување, ние ги концентрираме нашите напори на основните дејности за мобилност и испорака и ја менуваме големината на нашата компанија за да одговара на реалностите на нашиот бизнис“, рече Хосроушахи.

Инаку, вкупниот капитал на „Убер“ изнесува 10,3 милијарди долари, а бројот на вработени изнесувааше над 22 илјади, од кои 11,5 илјади надвор од САД.