Убедлива победа против Мароко, Македонија ќе игра за 27. место на Мундијалот


Македонската ракометна репрезентација денес славеше против Мароко на „Президент Купот“ со што се избори за натпревар за 27-то место на Светското првенство.

 

Денешната победа на Македонија од 40:25 беше и очекувана затоа што Мароко важеше за голем аутсајдер пред средбата. Единственото водство на Мароканците беше почетното од 0:1, се потоа помина во знакот на нашата репрезентација.

Првата наша серија беше 5:0 кога од 2:2 поведовме со 7:2. Се што направи Мароко во продолжение е само да дојде до „минус 2“. Сепак во финишот од првиот дел одново ја вративме повисоката предност и на пауза заминавме со 18:12. Второто полувреме донесе уште поубедлива игра на македонските ракометари, па така на крајот стигнавме и до убедливата победа од 15 разлика.

Мартин Томовски на нашиот гол имаше одличен натпревар со 12 одбрани, додека најефикасен кај нас беше Филип Кузмановски со девет постигнати гола, Петар Атанасијевиќ го следеше со седум гола.

Македонија во среда од 18: 00 часот ја чека последниот натпревар во борба за 27-то место против селекцијата на Јужна Кореја.