Убавините на Струга инспирација за уметницата Лида од Малта


Првите 48 часа биле пресудни за уметницата Лида Шерафатманд од Малта да донесе одлука да се пресели во Струга. Инспирирана од природните убавини, Езерото, лебедите, планините…, токму од Струга ги слика најубавите дела, кои завршуваат како поштенски марки во Лихтенштајн и Кина. Ја сака Струга. Се грижи за природата, а неодамна покрена иницијатива за доделување месечна награда во висина од 100 евра, за лицата што ќе прикажат дека собрале најмногу отпад и исчистиле најголема јавна површина.

Млада, љубезна, позитивна или со еден збор прекрасна личност. Лида не прими со голема љубов и максимално внимание. Иако само две години живее во Струга, се труди да говори македонски, но за подобра конверзација разговорот го продолживме на англиски јазик. Државјанин е на Малта, но родена во Иран, во иранска фамилија. Со семејството се преселила на Малта кога имала само три години. Во Струга дошла на Ликовна колонија во јуни 2018 година, која траела пет дена. Тоа, како што вели низ смеа, било љубов на прв поглед. Има многу пријатели во Струга, но денот го почнува со посета на Езерото и дружба со лебедите.

– Кога го видов Езерото и како лебедите си шетаат слободно, беше само по себе преубава глетка. Се раздвижив низ градот, едноставно ми се доапаѓаше мирисот во воздухот. Имаше некоја мекост и поетичност во него, од што срцето ми чукаше силно. Требаше да останам пет дена. Во рок од 48 часа одлучив дека сакам да се преселам тука. Третиот ден најдовме сместување, 4-тиот ден потпишав договор и петтиот ден заминав за Малта, се спакував и се вратив. И до ден денеска не се каам за мојата одлука. Среќна сум што сум тука, со искри во очите раскажува Лида.

Струга ја гледа како мал скапоцен камен за кој многумина не знаат

Во својата кариера, Лида пртетсојувала во повеќе градови низ светот, но Струга за неа е мал скапоцен камен за кој луѓето не знаат. Токму така им ја прикажува и на своите интернационални колеги.

– Местото содржи се што мене ми е потребно, како личност и ме исполнува. Живеев во Париз пет години. Тоа е град каде што многу уметници сакаат да претстојуваат, но јас не можам да дишам како тука, не можам да ги гледам планините како тука, лебедите што ги има тука секој ден. Квалитетот на животот зависи од овие нешта, нагласи младата Шерафатманд.

Проблемите со кои се соочува градот забележа дека не се толку страшни во однос на тие со кои се соочувало населението во местата каде што има живеено.

Природата – инспирација во делата на Лида

Инспирацијата за нејзините дела се поврзани со социјалните прашања, но и енергијата на природата. – Во Моите слики сликам цвеќе, а преку нив сакам да ја рефлектирам социјалата метафорично и симболично. Но верувам дека ние луѓето сме многу поврзани со природата и сакам да ја потенцирам таа врска и тоа единство, истакна Лида.

Уметнички дела создадени при претстојот во Струга се искористени како официјални поштенски марки во Лихтенштајн и Кина, а две слики се насловни страници на книги издадени од Кембриџ.

– Најдобрите продажби во мојата уметничка кариера се од дела создадени тука. Причина за тоа е мирот, кој го имав тука при создавањето и така можев да се фокусирам на работата и на истражувања за овие дела. Кариерата ја градам од 1997 година, 23 години, но сепак вистинското опкружување е нешто што е потребно, заклучи нашата соговорничка.

Поштенски марки во Лихтејнштајн и Кина со слики на Лида

На официјални поштенски марки во Лихтенштај и Кина од неодамна се пренесени дела на Лида. Мотивот на марката во Лихтенштајн е сончоглед со човечка фигура. Содржината е инспирирана од книга, која се занимава со човечката природа и како таа влијае врз меѓународните односи.

– Четирите цветови кои ги искористив, симболизираат четири елементи на човековата природа. Насликани се со цвеќиња присутни на планината Јабланица. Секој цвет има лековити својства и тие лековити својства ги поврзувам со содржината што ја сликам, рече Лида.

Марката во Кина пак ја покажува мапата на патот на свилата на која се ставени најкарактеристичните видови на цвеќа на секоја од државите низ кои поминува.

– Формата од далеку потсетува на цвет. Збирката на цвеќа со есецијални и лековита моќ претставува можноста за поврзување на минатото, сегашноста и иднината. Колекционерот кој ја зеде сликата ме контактираше и бев таму. На сликата од поштенската марка се потпишав наведувајќи дека е насликана во Струга, појасни Шерафатманд.

Струга ја чуствува како свој дом

На тригодишна возраст поради војната во Иран, семејатвото на Лида се преселило во Малта. Љубовта кон родното место, не исчезнува, но поради состојбата не може да се врати таму. Среќна е што луѓето во Иран ја следат нејзината кариера.

– Ќе ја задржам Струга, како едно од моите постојани места на живеење. За мене, која го имам изгубено родното место, имам невообичаен начин на поврзување со местата каде што живеам. Ако се најдам на место каде што народот е пријатен, има елементи кои ми се потребни за живот и работа, можам тоа место да го почустувам како свој дом. Светот го гледам како една целина, која, иако поделена од нас луѓето со граници, кои се наша измислица, бидејќи во природата ги нема. Секое место каде можам да се чуствувам како дома може да биде место каде би отишла, како одење од една соба во друга, само што се на поголема раздалеченост, вели Лида.

Споредувајќи ги Малта и Струга, забележа дека институциите поврзани со уметноста функционираат многу различно.

– Тука сцената е понеискомерцијализирана. Малта е остров со камени плажи, тука плажите се песочни. Во Малта нема планини, за мене планините се многу важни. Многу е жешко и нема снег. Струга изгледа како бајка кога е со снег, посочува Лида, чија животна приказна неодамна ја раскажа и во документарен филм.

Преку дела ја поттикнува добрината кај луѓето

Неодамна иницираше проект со кој еднаш месечно ќе се доделува награда од 100 евра за оние што ќе исчистат најголема јавна површина.

– Бидејќи секој ден излегувам да се поздравам со лебедите забележав дека често има отпад на јавниот простор. Дури и кога се качувам по планина среќавам расфрлан отпад. Се заинтересирав зошто не се погрижило за овие прашања. Ми кажаа дека не секој го почитува правилото да не фрла отпад, па помислив наместо казна да се воспостави систем на награда, и така би се охрабриле луѓето. Тие што ќе се погрижат за чистење предложив да добијат 100 евра, сума која јас ќе ја обезбедувам, изјави Лида.

Изрази надеж дека проектот ќе ја постигне својата цел и ќе ги поттикне луѓето да се грижат за својот град.

– Многу сум благодарна што претстојувам тука, бидејќи создавам многу добри слики. Се трудам да придонесам таму каде што можам, како уште еден граѓанин на Струга и на тој начин да ја изразам мојата благодарност што како странец бев прифатена, нагласи Лида.

Желбата за сопствен музеј, ќе ја реализира преку поставка во Струшкиот

Разновидната и богата флора и фауна во Струга и околината, која е и инспирација во творештвото на Лида преку нејзините дела ќе биде пренесена на цветна поставка во Природонаучниот музеј „Др. Никола Незлобински“.

– Ја забележав разновидноста на флората во Струга. Пред неколку години имав идеја за создавање на Музеј на цветна уметност. Додека размислував за тоа во Амстердам беше направен таков музеј. Кога го посетив Струшкиот музеј видов дека има документација на ботаничкото наследство и помислив да го оставарам мојот сон. Предложив оддел за цветна уметност со дела насликани со специфични делови од Струга. Идејата им се допадна и за следната година е планирано да биде отворен овој нов дел, раскажува Лида.

Иницирала и соработка со Музејот во Амстердам поставката да биде однесена и таму, со што би се направила промоција на природното и културно наследство која недостасува тука.