Уапсените повратници на ИСИС планирале напади на витални објекти


Директорот Виктор Димовски денес, по повод Денот на Агенцијата за национална безбедност, го скицираше работењето на оваа институција. Според него Агенцијата работи целосно во согласност со законите и стандардите на НАТО, кадровски се зајакнала, новопримените десетина кадри поминале шестмесечна обука, а уште толку сакаат да преземат од МВР, како експерти за јавни набавки, финансии, правни набавки…

Димовски најави дека планираат  да им понудат работа на најдобрите студенти во Македонија и дека за нив веќе обезбедиле листа од универзитетите, така што очекува на почетокот на идната година да ги вработат првите кандидати. Како отворено прашање за АНБ останаа просториите, постапка што е во тек, но треба да се обезбедат дополнителни средства што пак зависи од корона кризата.

Димовски нагласи дека за разлика од претходниот период сега се прават напори да се оствари целосна соработка со парламентарните комисии за контрола на работата на Агенцијата, соопштувајќи притоа дека со нив веќе имале десетина средби, што од повеќе од сите претходни.Околу оставките на членовите на телото за граѓанска контрола (Гордан Калајџиев и Маргарита Цаца-Николовска) тој рече дека тоа е прашање што треба да го реши Парламентот кој треба да им обезбеди услови за работа.

„Ние имавме средба со нив и ги договоривме принципите на соработка. Тоа тело ни помага нам со оглед на тоа низ каков период помина оваа служба претходно и какви работи се случуваа“, рече Димовски.

Околу информациите во медиумите дека преставници на Агенцијата неовластено вршеле полициски активности, а поврзано со вчерашниот случај на приведување на поранешни членови на ИСИС во Куманово, Димовски рече дека Агенцијата за национална безбедност има свои овластувања во превенирање на активности поврзани со тероризмот и дека вчерашната акција е таков случај.

„Има поединци кои мислат дека Агенцијата нема што да комуницира со лица кои се занимаваат со екстремистички и терористички активности. Тоа не значи дека применуваме полициски овластувања. Инаку, нема да одговориме на функцијата за која постоиме“, порача Димовски за таквите забелешки.

Притоа тој објасни дека се работи за припадници на вооружени структури на Блискиот Исток, повратници, кои издржувале затворска казна, а кои сега прибрале одредено оружје и екплозивен материјал со намера да го употребат против витални обекти во државата. Уапсени биле три лица и истрагата продолжува.

„Оваа закана од државјани од балканските земји вратени од Блискиот Исток, вклучувајќи ја и нашата, трае. По нивното враќање одат на издржување казна затвор, но периодот изминува и излегуваат на слобода. Дел од нив прават напори да се ресоцијализираат, но дел не. Уапсените се повратници од Сирија, а главниот од нив веќе одлежал четири години затвор и е на слобода“, соопшти Димовски, додавајќи дека половината од тие што биле на боиштата на Блискиот Исток веќе се вратени, но не сакаше да ја открие бројката.

Според негова оценка, безбедносните закани за Македонија се  стандардни, но откако станавме земја членка на НАТО службата функционира во одреден контекст, односно мора да се води сметка и за интересите на соседните земји и земјите членки, а  работата да се координира со нив. Како главни закани притоа ги наброја тероризмот, екстремизмот, сајбер нападите, илегалната имиграција, напоменувајќи дека за ова последното бројките сѐ уште се далеку од тие во 2016 година, но сепак годинава се регистрирани околу 27.000 илегални преминувања, без оглед на корона кризата.

Околу фамозната правична застапеност, која беше спомената и во контекст на приватниот сектор на новата влада, Димовски рече дека се остварува и дека наспроти претходната бројка од 11 отсто, сега таа достигната 17,5 отсто.

За случајот со Фросина Ременски, во чиј дом при претрес биле пронајдени доверливи документи од работата на УБК, за што Јавното обвинителство се изјаснило дека е кривично дело, тој соопшти дека била направена проверка на документите од страна на АНБ при што се констатирало дека сите потекнуваат од периодот пред да почне АНБ со работа, од времето на работењето на МВР и на УБК.

„Со оглед на тоа дека Ременски била дел од парламентарната комисија за контрола на службите најголем дел од документите биле такви до кои можела да има пристап“, одговори Димовски. (С.Ј.)