Уапсениот дипломат Миле Миленкоски пуштен на слобода и се врати во Скопје
Апелацискиот суд во Ниш нраедил ослободување на Миленкоски затоа што од ерменска страна, „не е приложен ниту еден доказ во замолницата, односно наведените одлуки што би потврдиле основано сомневање“
Пет месеци Миле Миленкоски беше во екстрадициски притвор во Врање. Денеска, вторник, со одлука на Апелацискиот суд во Ниш, македонскиот дипломат е ослободен и се врати во Скопје, јави „Слободен печат“.
Приказната за Миленкоски беше загадочна и озлогласена. Тој беше осомничен за вмешаност во евакуација на македонски бизнисмен осомничен за криминално активности во Ерменија, од Ереван во Виена во 2018 година. Ерменија распиша меѓународна потерница за него на 25 февруари 2020 година.
Миленкоски беше во екстрадициски притвор во Врање од 27 август лани, а во вторникот со одлука на Апелацискиот суд во Ниш, тој е ослободен.
„На 28 јануари по судење во Апелацискиот суд во Ниш, се уважи жалбата на адвокатот на г. Миле Миленкоски и Судот донесе решение со кое, бидејќи „не се исполнети претпоставките за испорачување на државјанинот на РСМ Миле Миленкоски“, тој „веднаш да се пушти на слобода“ со назнака дека „жалба по ова решение на Судот не е дозволена“, се вели во одлуката на нишката Апелација, која ја пренесува „Слободен печат“.
Судот, меѓу другото, констатирал дека, од ерменска страна, „не е приложен ниту еден доказ во замолницата, односно наведените одлуки што би потврдиле основано сомневање“, не само во поглед на делата што му се ставаат на товар, туку и за неговото дејствување во рамките на „организирана група – улога“. Со тоа, судот во Ниш утврдил дека нема ниеден доказ или релевантни основи за сомнеж за делата за кои беше осомничен Миленкоски во предистражната постапка во Ерменија.
„Нанесена е огромна штета врз мојата чест и углед, како и врз долгогодишната професионална дипломатска кариера, а да не говорам за огромниот стрес низ кој поминав лично јас, а и целото мое семејство“, вели Миленкоски за „Слободен печат“, нагласувајќи дека „се докажа оти правдата е достапна, иако неразумно бавна“.
Со статус на својот профил на Фејсбук тој се заблагодари на големата поддршка од семејството и од пријателите во сите изминати пет месеци додека беше во екстрадициски притвор во Србија. Тој додава дека очекува да го продолжи работниот однос во Министерството за надворешни работи на РСМ, што му беше ставен во шестмесечно мирување од 1 септември лани. Миленкоски беше поставен за дипломатски претставник во македонската мисија во ОБСЕ, Виена.