Уапсени вкупно 17 лица – тројца од Прилеп го сквернавеле албанското знаме
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информира дека полицијата во последниот период извела оперативна акција „Чистач“ на територија на СВР Скопје и дека таа дава одлични резултати. За вчерашниот вооружен грабеж на продавница за бела техника кај Градскиот стадион, Тошковски истакна дека лицата се фатени на лице место. Кај лицата биле пронајдени 10 илјади евра која е сума од продавницата, но со себе носеле и фиктивна бомбашка направа.
Mинистерот најави и дека ќе бидат наградени тројца полицајци кои директно учестувале во акцијата.
За предизвикување расна и национална нетрпеливост, предизвикана за време на и по прославата на Денот на албанското знаме, Тошковски информира дека има уште девет лица кои се лишени од слобода. Дел од нив се малолетници.
Четири малолетници во Скопје во текот на вчера се уапсени, од кои двајца биле поврзани со кинење на македонското знаме. Истите помагале на сторителот кој го кине знамето. Двајца малолетници се поврзани со симнување на македонско знаме од јарбол кои подоцна се пали.
-Три лица во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода во Прилеп кои што го сквернават албанското знаме. Еден од нив е малолетник, додека двајца се полнолетни, објасни Тошковски.
-Времето на зимски сон на институциите заврши. 17 луѓе уапсивме за овие два дена. Нема да застанеме овде. Секој што ќе сквернави државен симбол ќе одговара. Заврши времето на недопирливи, кажа министерот на прес-конференција, при посетата на Единицата за интервентна полиција во полицискиот центар Ѓорче Петров.