Уапсени 28 лица во истрага за улична продажба на дрога


 

Вкупно 28 лица се лишени од слобода во рамки на криминалистичка истрага која од декември 2023 се спроведуваше по насоки на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, а се однесува на сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Лицата се уапсени на 31 мај и 1 јуни во голема заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција, специјалната единица „Тигар“ и СВР Скопје.

„Во акцијата за сузбивање на улично дилерство на дрога изминатата ноќ лишени се од слобода В.Г.(46),  М.В.(22) и С.Б.(21), кај кои бил пронајден кокаин, Д.Т.(24) од Кочани, како и С.В.(28) од Скопје, кај кои при претрес биле пронајдени поголеми суми пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од продажба на наркотична дрога“, стои во соопштението од МВР. 

Покрај ова, како што дополнуваат, извршени се претреси на седум локации во Скопје, при што кај Ѓ.Ш.(41) од Скопје биле пронајдени марихуана, вага и други предмети поврзани со кривичното дело, кај А.П.(29) пронајден е куршум и запалка за бомба, кај Б.П.(34) се пронајдени остатоци од кокаин и други предмети поврзани со кривичното дело. 

„Од слобода се лишени и А.Б.Ј., поради сомнение за уништување докази, како и М.Д.(37) од Скопје, кај кого бил пронајден кокаин“, велат оттаму.

Поголема сума пари, марихуана, лични карти и пасоши на повеќе лица оставани како залог за купопродажба на дрога, полицијата пронашла при претрес кај Ф.Д.(41) од Скопје, а при преземени мерки за негово лишување од слобода, тој не застанал на издадена наредба за запирање, при што оштетил три службени возила, извршувајќи и кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за него е издаден распис за негово пронаоѓање и приведување.

Во текот на денешниот ден до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против седум лица.