Уапсени 11 лица за трагедијата во Нови Сад. И Горан Весиќ е меѓу нив

Меѓу уапсените се и вработени во француската компанија за надзор „Ежис“, како и директорката на железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ


Горан Весиќ поднесе оставка, а сега е и притворен

 

Поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Вишото јавно обвинителство соопшти дека имало детална анализа на целата потребна документација, извршени се разговори со поголем број граѓани, како и дека е извршено вештачење за да се утврдат причините и околностите под кои падна настрешницата и за тоа имало наоди и мислења на вештаци од градежната струка.

Како што се наведува во соопштението, Јелена Танасковиќ, Горан Весиќ, Анита Димоски и Небојша Шурлан се осомничени дека сториле кривично дело Тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност. Останатите седуммина се осомничени дека сториле Тешко кривично дело против општата сигурност во врска со кривичното дело Нередовно и неправилно изведување градежни работи.

Според Обвинителството, за горенаведените кривични дела е пропишана затворска казна од две до 12 години.

Во падот на настрешницата на влезот на Железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, додека уште две лица се повредени и нивните животи се во опасност.

Донеодамнешниот министер за градежништво, Горан Весиќ, кој поднесе оставка поради трагедијата, на својот Инстаграм профил објави дека „не сум уапсен, доброволно одговорив на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за да можат да ги истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.

Секогаш, како и досега, ќе им стојам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам кривична одговорност за овие трагични настани“.

Меѓу 11-те денеска уапсени поради трагедијата во Нови Сад е и директорката на железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, потврдено е за Н1. Уапсени се Небојша Шурлан, поранешниот директор на Инфраструктурата на железници на Србија и Анита Димоски, помошник на министерот за железници, јавува Танјуг.

Меѓу уапсените е и Љиљана Милиќ-Марковиќ, која е потпишана како главен проектант во главната тетратка на проектот за одобрение за градба, дознава „Нова економија“.

Уапсен е и Слободан Наумовиќ од Сообраќајниот институт ЦИП, проектантот на изградбата на реконструкцијата и адаптацијата на зградата на станицата во станицата Нови Сад.

Како што дознава „Нова економија“, уапсени се и Дејан Тодоровиќ и Марина Гавриловиќ, инженери вработени во француската компанија за надзор „Ежис“. Тодоровиќ беше ангажиран на функцијата надзорен орган за инфраструктурни објекти на службени места, а Гавриловиќ беше Надзорен орган за архитектура во делот 1, кој ја опфаќа Железничката станица во Нови Сад.

Српската подружница на „Ежис“ вршеше директен надзор на работите на Железничката станица.

Падот на настрешницата и бројните жртви го потресоа регионот

Министерот Томислав Момировиќ, кој беше министер за градежништво, транспорт и инфраструктура од 2020 до 2022 година, исто така вчера поднесе оставка, како и Јелена Танасковиќ, директорка на „Српската железничка инфраструктура“, еден ден откако претседателот Александар Вучиќ изјави дека ќе има повеќе оставки.

Апсењата и оставките се успех на граѓаните, протести и блокади, без кои ништо од ова немаше да се случи, изјави копретседателот на Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ. Социјалдемократската партија соопшти дека апсењата се реакција на блокадата и побара од обвинителството во Нови Сад да ги објави имињата на сите уапсени.

Лазовиќ за Фонет изјави дека не смее да се престане со протестите додека „сите одговорни не бидат изведени пред лицето на правдата.

Остануваме на барањата да се отворат сите тајни договори и да се контролираат проектите што ги градеше СНС со огромна корупција“, рече Лазовиќ.

Тој најави дека пратениците на ЗЛФ ќе ги искористат сите расположливи механизми за да не се заташкаат овие правни процеси и ќе ја информираат јавноста за сите информации до кои ќе дојдат.