Уапсена сопругата на Навални, протести против Путин ширум Русија


На протестите против рускиот претседател Владимир Путин уапсена е Јулија Навални, сопругата на главниот опозиционер Алексеј Навални.

Информацијата за апсењето ја објави самата Јулија на Инстаграм.

„Извинете за лошиот квалитет на сликата, осветлувањето во ‘марицата’ е лошо“, напиша таа под фотографијата што ја објави на Инстаграм.

Денот на протести во знак на поддршка на рускиот дисидент Алексеј Навални и изразот на бес поради државната репресија почна со апсења, јавуваат агенциите.

Навални во моментот се наоѓа во предрасправен притвор кој му е одреден на 30 дена. Руското правосудство го товари дека го прекршил условното пуштање на слобода заминувајќи на лекување во Германија.

Во Хабаровск, кој е седум часа пред Москва поради временската разлика, активистите поделија видеоснимки од колицијата која ги тепа демонстрантите и ги става во полицикси возила. Во тој град протестираат и против апсењето на популарниот гувернер Сергеј Фургал.


Покрај сибирското ледено време стотици демонстранти излегоа на улиците на Владивосток и Иркутск, извикуавајќи „Ние сме моќни“ и „Путин е лажго“. Приврзаниците на Навални најавија протести во 90 градови низ Русија, организирани преку социјалните мрежи.

И во Москва се одржува голем протест против Путин.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја предупреди јавноста да не учествува во неодобрени протести. Покрај тоа, сите протести се забранети со месеци поради пандемијата од корона вирус.

Руските власти изминатите денови го уапсија Навални по враќањето од Германија каде се лекуваше откако беше затруен со „новичок“, а уапсија и неколку негови високи приврзаници.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел повика во петокот по телефонскиот разговор со Владимир Путин, Алексеј Навални да биде пуштен на слобода и да се спроведе транспарентна истрага за обидот за атентат врз него.