Уапсен жител на Корча кој шверцувал гориво од Северна Македонија


Албанската полиција, по едномесечна истрага, уапсила жител на Корча, под обвинение за шверц на гориво преку граничниот премин Горица-Стење, на албанско-македонската граница кај Ресен.

-Од целокупноста на истражните дејствија, произлезе дека државјанинот Д.Ф.(54) со возило од марка „мерцедес“, чиј резервоар го модифицирал и зголемил, од Македонија преку граничниот премин Горица шверцувал значителна количина нафта. Шверцуваната нафта, ја складирал во домот на неговата сестра, Е.Ч. а потоа ја продавал на други лица, стои во полициското соопштение.

Се додава дека полицијата откриела 300 литри нафта, за кое постои сомневање дека е шверцувана.

Д.Ф. ќе одговара за кривични дела „Криумчарење на стоки кои подлежат на акциза“ и „Трговија и превоз на шверцувана стока“. Неговата сестра ќе одговара за соработка, но ќе се брани од слобода.