Уапсен вработен во Државен пазарен испекторат заради примање поткуп


 Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш-Отсек за економски криминал, чера во 12:00 часот го лишиле од слобода К.Ѓ. (33) од село Подареш, радовишко, вработен во Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Струмица со градовите Гевгелија, Валандово и Радовиш, заради сомнение за сторено продолжено кривично дело „примање поткуп“ по член 357, а во врска член 45 од Кривичниот закон, соопштија денеска од СВР Струмица.

Како што се наведува во соопштението, осомничениот од двајца жители на радовишко вчера примил 3.000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога бил лишен од слобода кај него биле пронајдени парите кои ги примил како поткуп.

-Од дополнително преземените мерки и активности било утврдено дека К.Ѓ. во периодот од јуни до ноември 2023 година во повеќе наврати од жители на Радовиш и радовишко примил пари во вкупен износ од 18.000 денари и 150 евра како поткуп. Во еден случај примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во останатите случаи поткупот го примил со цел да не изврши надзор кој бил должен да го изврши, се додава во соопштението.

К.Ѓ. е задржан во Полициската станица Радовиш и против него ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица, а во текот на денот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица.