Уапсен Русин кој беше во бегство поради цртеж на неговата ќерка


 

Рускиот државјанин Алексеј Москаљов е уапсен и осуден на две години затвор поради дискредитација на руската армија, а неговата ќерка е доделена на старател.

„Тој е приведен, да“, истакна неговиот адвокат Дмитриј Захватов.

Рускиот медиум „СОТА“ претходно објави дека Москаљов (54) е фатен во Минск, Белорусија. Москаљов стана интересен за руската полиција минатата година кога неговата ќерка Маша (12) нацрта антивоена слика во училиште, на која се гледа како Русија истрелува ракети врз мајка и дете од Украина. Тој подоцна беше обвинет за дискредитација на руската војска и објавување антивоени пораки на социјалните мрежи. Овој случај стана познат во Русија и во странство, особено откако Маша беше одвоена од нејзиниот татко и сместена во дом за незгрижени деца, на почетокот на март.

Москаљов го избегна апсењето во вторникот, но судот истиот ден во отсуство го осуди на две години затвор.