Приведен првоосомничениот за убиството на ракометарот Тот


Министерството за внатрешни работи утринава соопшти дека е приведен осомничениот А.Ѓ. по кого се трагаше за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Осомничениот е приведен на територија на Скопје.

За него, како што информира МВР, веќе е донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.

– Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена, стои во соопштението од МВР.

Дваесет и седумгодишниот хрватски ракометар, кој играше за РК Бутел, почина во петокот на скопските клиники откако претходно пред дискотеката „Централ парк“ беше претепан од три лица –  22-годишниот А.К., 19-годишната К.Л и 28-годишниот А.Ѓ, кој беше во бегство и за кого беше распишана и меѓународна потерница. 

Oднесен во КПУ Затвор Скопје

Првоосомничениот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот ноќеска околу 2 часот бил спроведен во КПУ Затвор Скопје за издржување на притворот од 30 дена.
 
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 28-годишниот А.Ѓ. ноќеска е приведен на територија на населба Аеродром.
 
– По преземени интезнивни мерки и активности за негово пронаоѓање и приведување, лицето околу 01.20 часот се предало на полициски службеници од Оперативен тим Потраги на подрачје на нас. Аеродром, информира МВР.
 
Покрај А.Ѓ, приведени се и одреден им е 30-дневен притвор и на 19-годишната К.Л. и 22-годишниот А.К. Тие се осомничени дека го претепале хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотеката „Централ парк“ во Скопје кој почина на скопските клиники.