Уапсен поранешниот албански министер за животна средина Лефтер Кока


Албанија – По налог на Специјалното јавно обвинтелство, СПАК, уапсен е поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока.

Тој, меѓудругото, се товари за кривични дела „злоупотреба на службена должност“, „активна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, „пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“.

СПАК побарало апсење и на Стела Гугаља, сопственичка на „Албтек енерџи“ и Клодијан Зото, сопственик на „Интегрид технолоџи сервиси“, но откако полицијата не ги лоцирала, по нив се трага.

 

-Предмет на истрага на оваа кривична постапка беа дејствијата извршени во постапката за склучување на договор за концесија со објект „изградба и администрирање на објект за урбан отпад во Елбасан, за производство на енергија“, како и дејствијата извршени во фазата на имплементација на овој договор за концесија, договор што е склучен меѓу Министерството за животна средина и компаниите „Албтек енерџи“, соопштуваат од СПАК.

СПАК донесе одлука да го заплени имотот на Кока, поточно „ објект за продажба на алкохолни пијалаци Ѓерѓ Кастриот – Скендербег“ во Драч, во вредност од 442.972 леки, како еквивалентен имот со дел од износот за кој се товари во казниво дело.

Кока на функцијата министер за животна средина беше во периодот 2013-2017 од редовите на Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), кога лидер на партијата беше Илир Мета и беше дел од владината коалиција со социјалистите, а од 2017 до 2021 пратеник од редовите на Социјалистичката партија. За пратеник во ИЕ Драч, реизбран на априлските избори, но се откажа од мандатот.