Уапсен поранешен директор на ФБИ, примал пари од олигархот Дерипаска


 

Поранешниот истакнат функционер на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) Чарлс Мекгонигал е обвинет за кршење на американските санкции против Москва, бидејќи примал пари од рускиот олигарх Олег Дерипаска, соопшти обвинителството во Њујорк.

Мекгонигал, кој ја водеше контраразузнавачката единица на ФБИ во Њујорк до неговото пензионирање во 2018 година, беше уапсен во саботата, пренесува Ројтерс.

Според обвинението, Мекгонигал се согласил да отвори истрага против ривалскиот тајкун во замена за исплати на Дерипаска, кој е предмет на американски санкции од 2018 година.

Обвинителите рекоа дека Мекгонигал (54), исто така работел во име на Дерипаска во 2019 година во неуспешен обид да му бидат укинати санкциите.

Дерипаска е основач на руската компанија за алуминиум „Русал“.

Поранешниот функционер на ФБИ се очекува да се појави пред федералниот суд во Менхетен подоцна денеска по локално време, заедно со Сергеј Шестаков, поранешен советски дипломат кој подоцна стана американски државјанин и исто така обвинет во случајот.

Дерипаска е на списокот од дваесетина руски олигарси и владини претставници кои беа санкционирани од Вашингтон како одговор на наводното руско мешање во американските избори во 2016 година.

Дерипаска и Кремљ негираа какво било мешање во изборите.