Уапсен Пакистанец за кого се тврди дека ја оштетил американската поштенска служба за над 126 милиони долари
Пакистанските власти уапсија маж осомничен дека управувал со интернет-страница преку која се продавале лажни поштенски налепници со што, според американското обвинителство, Поштенската служба на САД претрпела штета од над 126 милиони долари.
Фахим Акрам (33) бил уапсен во вторникот по повеќенеделна потрага, во чии рамки биле извршени претреси на повеќе локации во земјата, соопшти пакистанската Национална агенција за истраги на кибер-криминал.
Акрам, кој живее во градот Ханевал во источната покраина Пенџаб, во септември беше обвинет пред Федералната голема порота на Јужниот округ на Флорида. Според американското обвинителство, тој управувал со неовластената интернет-страница „LabelsBank.com“ преку која на повеќе од 5.200 клиенти им биле продадени над 5,1 милион лажни поштенски налепници.
Налепниците чинеле вообичаено по два долара без оглед на тежината, големината или дестинацијата на пратката. Со нив клиентите можеле да испраќаат пратки по цени значително пониски од редовните поштенски тарифи.
Проценетата штета од над 126 милиони долари се однесува на наводните загуби на американската поштенска служба, а не на приходите од продажбата преку интернет-страницата, наведува американското обвинителство.
Според пакистанските истражители, Акрам управувал со интернет-страницата од август 2023 до септември 2026 година и користел 16 банкарски сметки, меѓу кои и сметки на неговиот брат, сопруга, сестра и тетка.
Засега не е познато дали Акрам ќе биде екстрадиран во САД или ќе му се суди во Пакистан.