Уапсен маж кој сакал да ја запали катедралата во Њујорк

  
Трисет и седумгодишен маж во средата вечерта влегол во катедралата посветена на свети Патрик во Њујорк со два канистра полни со бензин, течност за запалки и запалки, соопшти полицијата на американската метропола.
Мажот влегол во катедралата на Менхетен околу 20 часот и се судрил со припадници на обезбедувањето, соопшти њујоршката полиција. Кога се свртил да си замине, бензинот се пролеал на подот а обезбедувачите ја известиле полицијата која била пред храмот.
Полицајците по испрашувањето го привеле човекот, рекол Џон Милер од одделот на њујоршката полиција за разузнавачки и антитерористички активности.
„Човек кој ќе вшета во славна локација како што е катедралата на свети Патрик носејќи повеќе од четири галони бензин, две боци со запаллива течност и запалки, претставува нешто што предизвикува сериозна загриженост“, рекол Милер за новинарите пред катедралата.
Запрашан дали мотивот е тероризам, Милер одговорил дека е „прерано за да може тоа да се утврди“. Милер забележал дека инцидентот се случил два дена по пожарот во кој настрада славната париска катедрала на Нотр-Дам. „Тоа е индикатор за нешто што би можело да биде многу сомнително“, додал.
Медиумите истакнуваат дека три доминантно црнечки цркви во сојузната држава Луизијана изгореа во периодот меѓу 26-ти март и 4-ти април.
Мажот во Њујорк рекол во полицијата дека одел по покус пат низ катедралата за од Петтата авенија да стаса до авенијата Медисон бидејќи неговото комбе останало без гориво, додал Милер. Кога полицијата го проверила возилото, утврдила дека тоа не било без гориво, поради што и човекот бил уапсен, посочил Милер.
„Познат ѝ е на полицијата и ја истражуваме неговата заднина. Не знаеме како размислува, кои му се мотивите“, додал претставникот на њујоршката полиција.