Уапсен директорот на Агенцијата за земјоделство при примање мито


Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, е уапсен денеска под сомнение за земање мито, пренесуваат повеќе медиуми попладнево.

Акцијата ја спроведе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во соработка со истражителите од Истражниот центар при ОЈО ГОКК и екипи на Министерството за внатрешни работи.

Според првичните информации, биле извршени претреси на повеќе локации низ земјата поради основани сомневања за коруптивни активности. Попладнево, тимови од Управата за финансиска полиција, МВР и истражители влегле во просториите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. По пријавата во МВР, на апликантот му биле дадени обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен при земањето на парите.

Според информациите на 24инфо, апликантот кој го пријавил случајот и учествувал во акцијата е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Илија Стоилев, беше именуван за директор на Агенцијата во јули 2024 година. По образование е дипломиран земјоделски инженер, отсек сточарство. Работел како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ во Скопје.