Според неофицијалните информации на „Фокус“, Кара веќе бил спроведен во Кривичниот суд и изведен пред судија на претходна постапка.

Кара е лице по кое Албанија лани распиша потерница поради сомнежи за злоупотреби поврзани со приватната клиника „Интернешнл Медикер“, поранешна „Санте Плус“, која работела во соседната земја.

Според тогашните пишувања на албанските медиуми, клиниката била блокирана поради сомневања за непријавен профит од околу еден милион евра. При контролите, наводно, биле откриени и лекови со истечен рок или шверцувани производи, како и петмина вработени кои не биле осигурени.

Билал Кара пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.

Од МВР соопштија за приведувањата.

-По наредба на надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, полициски службеници ги лишиле од слобода Б.К. и Г.А. Б.К. се сомничи за „перење пари и други приноси од казниво дело“, додека Г.А. е осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама во службата“.

Според истрагата, на пациентите, покрај законската партиципација, наводно им била наплаќана и приватна цена за операциите. Притоа, според пријавата, не им било соопштено дека услугите биле наплатувани и од Фондот. Се проценува дека биле оштетени од 3.000 до 4.000 пациенти.

Во истрагата, опфатени се и двајца поранешни директори на Фондот, меѓу кои и Ден Дончев. Тие се сомничат дека во 2020 година, со претставник на приватната здравствена установа склучиле договор спротивно на пропишаните процедури и интерните акти на Фондот. Токму со овој договор бил овозможен механизмот за двојна наплата на здравствените услуги, смета истрагата.

Директорот на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и ги одложувал редовните контроли.

Две раководителки на сектор, пак, се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон болницата продолжувале без пребивање на долговите

Според кривичната пријава, штетата за Фондот за здравствено осигурување се проценува на 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра. Болницата се сомничи дека остварила противправна корист од дополнителни околу 4,25 милиони евра.