Уапсен Албанец што планирал терористички напади во САД


Албанецот Фабијан Аламети кој имал намера да се придружи на Исламска држава и планирал терористички напади во САД, уапсен е во американската сојузна држава Монтана.
ФБИ го следела Аламети од минатата година кога на Фејсбук објавил коментар со кој ја поддржува ИД, пренесе АП.
Со него, во контакт стапил еден доушник на ФБИ на кој Аламети му раскажал дека сака да се придружи на ИД и да се бори во Ирак и во Сирија.
Аламети рекол дека сака да изведе напади на американска територија, а како мети спомнал воен објект, регрутен центар, владини згради, геј-клубови и  синагога, наведува Ен-Би-Си.
Кога слушнал за масакрот на Нов Зеланд, тој од доушникот побарал да му прати линк за видео-снимката, а потоа му рекол дека ќе напаѓа минувачи за да ја „одмазди крвта“ на загинатите во џамијата во Крајстчрч.
Уапсен е во стрелана каде изнајмил пушка. Во четвртокот беше изведен пред суд под обвинение за илегално поседување на огнено оружје.