Уапсен адвокатот кој ја придружуваше мајка му на Навални во потрагата по телото на синот


 

Рускиот адвокат од Новосибирск, Василиј Дубков, е приведен во Москва. Ова го објавија неколку руски медиуми, меѓу кои и „Нова газета Европа“, повикувајќи се на извори.

Како што пишуваат новинарите, адвокатот се товари за нарушување на јавниот ред и мир.

Дубков застана во одбрана на Алексеј Навални. Минатата недела, тој ја придружуваше мајката на Навални, Људмила Навална во арктичкиот град Салехард каде таа бараше да ѝ биде вратено телото на нејзиниот син.

Подоцна вечерта самиот Дубков за за медиумот „Верстка“ ја потврди информацијата за приведувањето и изјави дека тој веќе е пуштен на слобода. Тој не ги коментираше причините и околностите на притворот, само рече дека смета оти тоа е попречување на неговите активности како адвокат.

Во октомври 2023 година, тројца од адвокатите на Навални, Алексеј Липсер, Игор Сергунин и Вадим Кобзев, беа испратени во истражен центар за кривично дело за учество во „екстремистичка заедница“. На уште двајца бранители на Навални, Олга Михајлова и Александар Федулов, кои ја напуштија Русија, им беше одреден притвор во отсуство и ставени на потерница. Според истражителите, политичарот преку своите адвокати им пренесувал информации од колонијата на своите соборци.

На 16 февруари беше објавено дека Алексеј Навални починал во колонијата „Поларен волк“. Надлежните девет дена одбиваа да ѝ го дадат телото на политичарот на неговата мајка. Људмила Навална извести дека од неа се барало да го погреба својот син тајно и без јавно збогување. Таа одби да ги исполни овие барања. Се очекува Навални да биде погребан на едно од московските гробишта, но датумот и местото на погребот сѐ уште не се објавени.