У20: Македонските кошаркари избори полуфинале на ЕП во Скопје


Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години избори пласман во полуфиналето на Европското првенство од Б дивизијата во Скопје, откако вечерва ја совлада Велика Британија со 66-49.

Македонските кошаркари го контролираа резултатот од самиот почеток на четвртфиналниот дуел во СРЦ Кале и на полувреме имаа предност од 33-21.
Британците се доближија на минус четири поени негатива (40-36) во завршницата на третата четвртина, кога македонската репрезентација повторно влезе во ритам и без проблеми го приведе натпреварот до самиот крај.

Андреј Митревски со 17 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, која за противник во полуфиналето ќе го има победникот од четвртфиналниот дуел меѓу Холандија и Украина.

Со евентуален триумф во следниот натпревар македонските кошаркари ќе обезбедат враќање во елитната А дивизија.