Тврдиот пристап кон Македонија сега го поддржуваат 49 отсто од Бугарите
Процентот на поддршката на тврдиот пристап и натаму е голем, но е далеку под оние 80 отсто во времето на Борисов и Захариева
Бугарското општество е длабоко поделено во однос на односите со Македонија, но изгледа дека поддршката за тврдиот пристап на Софија малку по малку се намалува. Во првото поголемо истражување на јавното мислење по формирањето на новата влада 49 отсто од Бугарите се за придржување кон потврдиот пристап во преговорите со Македонија. Но големи 31 отсто го поддржуваат новиот пофлексибилен пристап во преговорите со Скопје на владата на Кирил Петков. Не можат да проценат 20 отсто.
Тоа го покажува истражувањето на познатата агенција „Алфа рисрч“ објавено денеска. Агенцијата наведува дека истражувањето покажало оти по ова прашање тенките црвени линии минуваат не само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на „Продолжуваме со промената“ на премиерот Петков го претпочитаат досегашниот тврд пристап. Од „Алфа рисрч“ велат дека тоа не значи оти новиот пристап е осуден на неуспех, но ја потврдува старата максима – не е доволно да се каже, важно е да се убеди. И дека тоа е еден од важните дефицити на новата влада.
Треба да се напомене дека во претходните анкети околу односот спрема Македонија за време на владата на Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.
Бугарското општество е длабоко поделено околу членството во НАТО. Осумнаесет години по приемот на Бугарија во НАТО, 40% од граѓаните имаат позитивен став за тоа, а 34 проценти негативен.
Според социолозите, граѓаните се под силно влијание на дијаметрално спротивни позиции на различни политички партии: поддржувачите на Демократска Бугарија (63%) и ГЕРБ (62%) ја формираат групата на луѓе со доминантни позитивни ставови кон Евро-атлантската унија, а поддржувачите на „Продолжуваме да со промената“ и Има таков народ се изедначени во поддршката и негативниот став. Негативните мислења традиционално преовладуваат меѓу поддржувачите на БСП. Најрадикални се поддржувачите на Преродба, која влезе во собранието на последните избори, од кои 65% се против НАТО.
Во однос на рејтинзите на партииите „Продолжуваме со промената“ е на прво место според поддршката – 24,4 отсто, додека наклоноста за ГЕРБ на Борисов се намалува. За ГЕРБ сега би гласале 18,1 отсто.
БСП останува на ниските гранки – 9,8 отсто поддршка. Нејзината лидерка, Корнелија Нинова, успеа да ја зачува функцијата во партијата затоа што стана потпретседател на владата, но од тоа БСП засега не доби ништо. Ниту губи. Има таков народ се спушти на само 6,6 отсто поддршка, Демократска Бугарија има 6,4 проценти. За голем број прашања како евроатлантската ориентација на земјата, дијалогот со Македонија, првите дејствија на владата итн., поддржувачите на ДБ се на многу различни позиции од другите партии, што поставува повисоки барања од нивните лидери. Партијата на Турците, ДПС, има традиционална поддршка – 7,2 отсто, а жестоките националисти од Преродба имаат поддршка од 5,2 отсто. Други партии нема на радарот на „Алфа рисрч“. (Н.В.)