Тврдењата за оштетување на споменикот на бугарски војници се злонамерни шпекулации, соопшти МНР
Македонското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека ниту е оштетен споменикот на 193 загинати бугарски војници во Првата светска војна, ниту дека е загрозен од избедбата на експресниот пат Градско-Прилеп, туку дека тие информации се злонамерни шпекулации и повика на внимателност при нивното објавување без да се проверат.
Во Бугарија се крена голема врева дека, наводно биле уништени споменици на бугарски војници кај Кавадарци, по што официјално реагираше бугарското министерство за надворешни работи, а со остра изјава се јави дури и претседателот Румен Радев. Но националната телевизија БНТ со репортажа од самото место кај Дреново, близу Кавадарци, објави дека сите тие наводи биле лажни – дека спомениците не се чепнати.
Еве го соопштението на македонското МНР во целост:
„Во врска со споменикот обележје за загинати 193 бугарски војници во Првата светска војна, во близина на траса на експресниот пат Градско-Прилеп, делница Фариш – Дреново, Кавадарци, за кој во медиумите се појавија обвинувања против Република Северна Македонија, дозволете да информираме за следното:
Според извештајот на Управата за заштита на културно наследство и Јавното претпријатие за државни патишта кои направија вонреден увид, констатирано е следново:
Прво, главниот споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследство, но и без тоа тој се наоѓа во добра состојба, без оштетувања;
Второ, околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје;
Трето, споменикот е надвор од предвидениот појас за изведба на трајните работи тој не е засегнат од какви било извршени градежни работи и по извршениот увид на терен е констатирано дека е без видливи оштетувања.
Ситуацијата на теренот покажува дека во моментов споменикот е физички одделен од трасата на која се изведуваат градежни работина експресниот пат Градско – Прилеп со заштитна ограда од времен карактер која ќе биде заменета со трајна заштитна ограда предвидена со Основниот проект за изведба. По изведба на оваа ограда слободниот простор меѓу неа и споменикот ќе биде околу 4 метра. По завршувањето на работите, до споменикот ќе има пристапен простор, со цел тој да биде достапен за заинтересираните посетители.
Четврто, околу овој споменик нема гробишта или гробни места, а според увидот на терен, а не се знае дали таквата состојба била различна во минатото. Околу 100 метра од овој споменик констатирано е дека има и втора помало обележје, чија меморија не е позната.
Со утврдената фактичка состојба од надлежните институции, сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања кои се појавија во јавноста, притоа и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите.
Посебно загрижува што трендот на појава на ваквите шпекулации во последно време се интензивира, што покажува дека се работи за организиран пристап на нивна злоупотреба за што сакаме дополнително да предупредиме на внимателност и одговорно однесување“.