Твоја партија прашува во чие име зборува Заев


ТВОЈА партија со огромно разочарување го проследи последното интервју на актуелниот премиер Зоран Заев и со загриженост прашуваме во чие име тој зборува?, велат од партијата.

-Дали ставовите кои Заев ги изнесува, се официјален став на Владата, на СДСМ или на парламентарното мнозинство?Од сето изнесено во интервјуто, не може а да не се забележи нитка на координираност со претходно изнесените ставови на Захариева.

Очигледно е дека соочен со немање никакви резултати на план на спроведување на реформи во администрација, судство, борба со корупцијата, пандемијата на Ковид 19, екстремно високото загадување, Заев посегнува по прекројување на историјата по сопствено слободно толкување со што полека започнува да го негира учеството на македонскиот народ во антифашистичката коалиција во Втората светска војна.

Интерпретацијата дека поранешната федерација е виновна за оддалеченоста помеѓу двата народа, во најмала рака е поништување на 25.000 жртви дадени за ослободување, ќе притоа ја прави Македонија единствена земја на светот која се ослободила во Втората светска војна без учевство на туѓи вооружени формации.

Исто така сакаме да потсетиме дека спомен обележјата во знак на паднатите борци во НОБ се во надлежност на општините и нивното евентуално менување и отстранување во никој случај не е во надлежност на Владата, и за било која интервенција е потребна одлука на општинските совети при што потсетуваме дека секоја незаконска интервенција во нивно отстранување претставува кривично дело.

Премиерот нема мандат, ниту право да изнесува вакви ставови.Должноста како предводник на власта на една суверена земја, му налага да ги штити придобивките врз кои се темели создавањето на татковината, што впрочем е вцртано во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија.

ТВОЈА партија смета дека крајно време е СДСМ да се изјасни дали стои и ги поддржува ставовите на Зоран Заев. Доколку СДСМ во најкраток можен рок не покрене барање за интерпелација на премиерот, ќе биде сосема јасно дека ставовите на Зоран Заев се комлетно и партиски став на СДСМ, се вели во соопштението на партијата.