Твоја партија ќе поддржи малцинска влада во Собранието

Нова партија, но големи амбиции – такви се најавите на Твоја за изборите на 12 април. Претседавачот на Координативниот одбор, адвокатот Александар Тортевски, денеска на прес-конференција најави дека надвор од остварувањето на програмските цели нивна задача со евентуалните пратеници што ќе ги освојат е да поддржат малцинска влада за да може преку тоа да влијаат врз нејзините одлуки и за драстично да се намали бројот на министерствата.

Пренесувајќи го „макотрпното искуство“ околу регистрирањето на партијата за десетина-дванаест дена за да ги фатат роковите одредени од ДИК, Тортевски изјави дека веднаш ќе бараат законски измени за поедноставување на процесот, особено за пријавувањето на независни листи. Тортевски вели дека главниот проблем при регистрацијата не биле заверките на нотар, туку тоа што секој од потписниците морал да извади и државјанство.

Тортевски се враќа во политиката по изборите во 1998 година. Неговиот мотив за учество во политиката била ситуацијата во која што се наоѓа државата, која не можела да се помрдне од местото.

Сличен мотив има и професорката Мирјана Најчевска. Образложувајќи ги целите на Твоја, Најчевска ги групира во пет области: прво, може поинаку и подобро (кривично-правна одговорност за политичарите што шират лажни вести); второ, заштита на животната околина; трето, посебно внимание за образованието; четврто, професионализција, т.е. дигитална администрација; и најпосле, секој во државата да има право на квалитетен живот.

Твоја партија на изборите ќе излезе сама, не сака да влезе во коалиција со ниту една од поголемите партии. Нема да одржуваат митинзи, ниту ќе одат  од врата на врата, затоа што, како што велат, тие се интернет партија. Уште не знаат дали ќе имаат избирачки листи во сите изборни единици.   (Љ.П.)