Твитот на Заев за поддршка на фудбалерите ја налути Грција


Твитот на Зоран Заев: „Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација“, толку ја налути официјална Атина што побара објаснување од македонскиот премиер и, како што тврди весникот „Катимерини“, придонел за дополнително одложување на веќе одложената ратификација на три меморандуми во грчкиот парламент поврзани со Преспанскиот договор.

„Катимерини“ во ударниот текст на насловната страница на весникот пишува дека Атина го повикала „премиерот на Северна Македонија целосно да го спроведе Договорот од Преспа за името на земјата во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани“.

„Катимерини“ ја цитира владината портпаролка Аристотелија Пелони: „Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух и го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање како што е фудбалот. Во секој случај, добрата намера за спроведување на договорот е еден од критериумите за пристапување на земјата во Европската унија“.

Меморандумот за соработка е одложен, наводно, за да може „Заев да разбере дека има некои обврски што не може да ги игнорира“.

Пелони ги потсетила новинарите дека Нова демократија уште од почетокот била против Преспанскиот договор кој го потпиша владата на Сириза, со што посредно го објасни тврдиот став што доаѓа во последно време од кабинетот на Киријакос Мицотакис. Според неа, главните забелешки на владејачката партија се однесуваат на прашањата за јазикот и идентитетот, кои од неодамна често доаѓале до израз.

„Катимерини“ пишува дека грчката влада јасно ја истакнала својата намера дека сака да го спроведе договорот и покрај првичното спротивставување на Нова демократија. Но, од друга страна, исто така, „јасно става до знаење дека нема да замижува пред она што го смета за мешани сигнали што доаѓаат од Скопје во врска со неговите намери за целосно спроведување на договорот“.

Трите меморандуми требаше да бидат на дневен ред во грчкиот парламент во јули по долги месеци одложување, бидејќи не можеше да се најдат известувачи од владејачката структура за нив, а сега се одложени за септември, а можеби и за понатаму.

Едниот од меморандумите е за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, вториот за формирање координативен комитет за економска соработка и третиот за техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.